Исповед за една опсесија со лајкови

„Кратко откако се смирив со еден поранешен дечко,” почнува Харлинг Рос во своето излагање за Man Repeller, на тема што пред 10 години не ни постоеше, „сфатив дека е време за еден разговор. Го седнав, ја ставив раката на неговото колено, го погледнав длабоко во очи и реков, ‘Навистина мораш да почнеш да ми лајкаш на Инстаграм.’”

Тој протестираше дека лајкнал. Јас му појаснив дека лајкнал само по нешто и побарав да лајкне сè, од тој момент, па натаму. Сметав дека барем ова го заслужував, како личност што тврдеше дека ја цени повеќе од било која друга личност. Нели треба да го цени и моето присуство на социјалните мрежи, во целост?

Се разбира, разговоров е (малку) издраматизиран и не е дека (до толку) се секирам за лајкови на Инстаграм, но вредноста и значењето на лајкот е нешто за кое размислувам почесто од повеќето луѓе, затоа што дел од работата ми е и да го менаџирам Инстаграм профилот на Man Repeller. Би лажела ако кажам дека не правам ментална ѕвезда секогаш кога некоја слика ќе добие поголем број на срциња.

Поради тоа ми се смени и личната лајкувачка филозофија. Отсекогаш сум била за идејата дека треба да ги лајкнеш сите слики на блиските и саканите луѓе како чин на лојалност, дури и кога постот не ти се допаѓа многу-многу, затоа што ја сакаш личноста што го објавува! Затоа и разговарав со тој дечко тогаш. А сега, на пример, сум уште подарежлива со лајковите. Често лајкувам постови од брендови или луѓе што не ги познавам лично, но им се восхитувам - затоа што ценам кога луѓето го прават тоа за Man Repeller.

Малку ми е и блесаво да признаам дека сум посветила толку многу размислување на таа тема - сепак, тоа е само тапнување со прст - а мора да признаете дека се претвори во една валута за поврзаност. Колку и да е површно, може да биде и моќен гест - начин да се покаже поддршка, заедништво или изразување на позитивно мислење.

Не знам, дали претерано анализирам? Прашав неколку пријатели за нивните лични лајк-филозофии за да споредам. Една рече, „Стискам лајк ако го сакам човекот. Нема лајкови за иритантни луѓе! А ако сликата е стварно добра, правам исклучок.” Друг вели, „Обично лајкувам слики од луѓе што ги познавам.”

Кога прашав една колешка, рече, „Многу сум непостојана со лајковите - не од некои скриени политички причини - едноставно често заборавам! Уживам во повеќето слики на мојот фид, но зависно од расположение, или ќе лајкнам сè, или ништо. Сепак, се согласувам дека треба да се биде дарежлив со лајкови. Скржавоста е многу средно-школо филозофија. Нема влог. Нема лимит на лајкови. Не мораш внимателно да бираш!”

Љубопитна за перспективата на други луѓе кои работат во медиуми, без разлика дали социјални или други, и пратив мејл на Ева Алт, одговорна за социјални мрежи на Глоссиер, да ја прашам и ми го прати ова:

 

Would not fuck with this guy.

A post shared by Elliot Tebele (@fuckjerry) on

Се изнасмеав.

Совршено ја отсликува симултаната реалност и апсурдот на сецирање на различните филозофии зад лајковите на Инстаграм и фактот дека ваквите филозофии воопшто постојат, но еве сме! И еве сум и јас, со над 500 зборови на темава.

21 март 2018 - 14:44