Инстаграм ви го отежнува манијачењето

Понекогаш се чини дека смртта на Инстаграм многу би ни ги поедноставила животите. Да, супер е што можеш да си објавуваш одлични сликички, ама истовремено имаш еден куп прашалници: Зошто никој не ми лајка? Зошто оној што го сретнав пред шест месеци во диско ме отследил? Не сум доволно атрактивен? Многу често објавувам? И така натаму глупи прашања.

Зад кулисите, се добива впечаток дека Марк Закерберг е пресреќен што сите сме опседнати со апликација што нè прави мизерни. Може и затоа ќе укинуваат ‘Following’.

Можно е и да не знаете што беше ова, и ако е така имате среќа. Ако пак, сте во оние што го жалат со свеќи укинувањето на овој таб, тогаш најверојатно сте го користеле да видите што лајка бившиот, или кој е на Инстаграм, ама ви ја игнорира пораката, или дека другарка ви коментирала со срциња под слика од некој што го мразите, и други слични - вака кога ќе размислиш - небитни работи.

Главно, табот беше сериозен катализатор на анксиозност, а требаше да служи за да видиш што сакаат другите па да одлучиш дали и ти го сакаш тоа за гледање.

Сепак, главната причина е онаа од погоре: Инстаграм го укинува затоа што многу малку луѓе го користеле. Претставник од Инстарам, Вишал Шах вели: „Луѓето не знаеја дека активноста им се појавува некаде, па имаме случај каде што алатката не служи за она за кое е наменета.”

Инстаграм со ова почна на почеток на месецот. Штета за тие што го користеа ова за наоѓање нови акаунти за следење, ама па, за тие што некој ги закачал со „што си лајкал кај што не ти е место” - слободно дишете. И лајкајте кај што не треба.

15 октомври 2019 - 15:09