Инстаграм сега ќе кажува кој добил пари за да пофали производ

Гумени бомбони за растење коса, чаеви за слабеење, чудесни некои направи за бутање во уста и белење заби... И само „искрени“ препораки, затоа што тоа као, стварно функционира. Е, сега баш ќе видиме.

Од сите мрежи, Инстаграм важи за местото каде што си го покажуваш животот премачкан со дијамантска прашина. Најубав си, идеш на најубави одмори и имаш најубави јагоди и цреши.

Или божем необавезно носиш наочари од 700 евра, или баш така совршена чинија мусли од баш тој бренд ти испаднала супер на слика... Нема крај.

Сега Инстаграм повеќе ќе се потруди да ни направи разлика меѓу класичната фотографија и сјајното спонзорство со новата алатка за „брендирана содржина“. Во еден блог-пост, компанијата вика „Здрава заедница треба да биде отворена и постојана околу платените партнерства.“

Што е вистина: Транспарентноста е одлична работа. Инаку, ќе добиеш брука и дебакл на еден Fyre Festival на пример, кој 400 влијателни корисници на Инстаграм го извикаа како луксузна, музичка и плажна екстраваганца, а луѓето што дојдоа начекаа прљавштини и см'кнати шатори. Иако организаторите ја преземаат вината за неуспехот на фестивалот, и Инстаграм го изеде стапот.

Од овие причини, отсега ќе биде јасно кој добива пари, а кој искрено препорачува нешто, за самата социјална мрежа да не го изгуби сјајот што го има денес. Практично, корисниците ќе почнат да гледаат „платена соработка со“, како поднаслов на постот и дневниот преглед кога на корисникот му е платено да го објави производот, услугата или настанот.

Освен што ова ќе им помогне на корисниците да идентификуваат спонзорирани постови (што значи нема да има потреба од напорните хаштагови #sponsored #ad) од Инстаграм велат дека новата алатка ќе им дава и на креаторите и на спонзорите повеќе информации за следење на перформансот на постот. И за да ја добиеш, треба да имаш бизнис-профил на Инстаграм.

16 јуни 2017 - 14:23