Инфлуенсерите нема да исчезнат, но се менува начинот на кој ги доживуваме

Пред некоја година, светот беше уверен дека инфлуенсерите се иднината на маркетингот и културата. Во моментов? Не баш.

Изгледа дојде времето - после години дотерувани фотографии, внимателно режирани животи и бескрајни препораки за производи, многу луѓе почнуваат да чувствуваат замор од „совршени“ содржини.

Еден од најголемите проблеми со инфлуенсерската култура е губењето на довербата. Се претера, а луѓето почнаа да контаат - секоја објава може да биде реклама, а секој „искрен совет“ може да биде платена соработка. Затоа сега стоиме пред нов тренд: желба за помалку совршена, пореална содржина. Наместо луксузни фотографии од совршено уредени домови и беспрекорни утра, популарност добиваат луѓе кои покажуваат обични моменти, грешки, процеси на создавање или behind the scenes и несовршености. Овој феномен често се нарекува „анти-инфлуенсер“ тренд. Не значи дека луѓето повеќе не сакаат препораки или инспирација, туку дека сакаат поинаков вид влијание - помалку глумење совршенство, а повеќе искреност.

Интересно е што токму платформите што ја создадоа инфлуенсерската култура сега го поттикнуваат нејзиното менување. ТикТок, на пример, овозможи популарност на содржини што изгледаат спонтани и непланирани, па наместо совршено продуцирани видеа, често подобро поминуваат кратки и лични објави, а вниманието се задржува на автентичност и карактер.

Сепак, не се само инфлуенсерите проблем - и публиката е, со начинот на кој што почна да гледа на сопствениот живот. И обичниот свет поради социјалните мрежи се научи дека секој приватен момент мора да добие презентација. Новата генерација корисници сè повеќе се прашува дали секое искуство мора да биде споделено. Што значи и дека приватноста повторно станува вредност.

Сепак, малку е веројатно дека инфлуенсерите целосно ќе исчезнат, а и не треба - во ред се. Луѓето отсекогаш барале личности на кои им веруваат - порано тоа биле списанија, телевизиски водители или славни личности, а денес тие улоги  едноставно ги држат креаторите на содржина.

5 август 2026 - 12:14