И ТикТок спрема свое „стори“

Ништо не се движи така брзо како апликациите за социјални мрежи и во тој свет или се умира како херој (Vine), или се живее доволно долго за да се види како Инстаграм, Фејсбук, Твитер, па дури и Линкедин му крадат финти на Снапчат со - stories.

Сега се тестира нешто што се вика TikTok Stories, и од таму го опишуваат како „нов начин да се комуницира со фановите“, ќе го има на странична колона внатре во апликацијата и ќе исчезнува. „Приказните“ ќе можат да се видат и на самиот кориснички профил и - нема да ви се верува - ќе траат еден ден, па ќе исчезнуваат.

Според The Verge, „корисниците ќе можат да креираат ново стори со ново create копче и можат да додаваат (заб. на уредник: невидено до сега!) текст, музика и слично.“ Разликата во концептот е што може да биде само видео, заради природата на ТикТок, нема да може само слики. На прашање од Variety, претставник од ТикТок потврдува дека ќе има мал пилот-тест, во неколку земји надвор од САД и можно е да не остане трајна алатка на платформата.

„Секогаш смислуваме нови начини да ја зголемиме вредноста за нашата заедница и да го збогатиме ТикТок-искуството,“ се вели во изјавата. „Во моментов, експериментираме со начини да им се даде на креаторите дополнителен формат за оживување на нивните креативни идеи“.

23 август 2021 - 09:26