И „Мари Клер” е за на дното

„Мари Клер” е списание старо 80 години, преведено на 24 јазици, а на јазикот на денешницата - има 3.7 милиони следачи на Фејсбук. И една домишљата новинарка од таму реши да му направи статија како измислена за кај нас На дното.

МЕГАН МАРКЛ ИМА ЕДНО БЕЛО ВЛАКНО!

беше насловот на статијата за која новинарката од петни жили се имаше потрудено да звучи позитивно, empowering и гордо. Целиот текст може да се сведе на „штом Меган Маркл има бело влакно, тогаш што па јас се нервирам со моето”, а сепак, самата потреба да се напишат тие 2-300 зборови на таа тема е малку нејасен. Просто човек да се замисли дека ако Мари Клер” може да одобри да се објави таков текст, тогаш што останува за нашите медиуми, од кои некои допрва ќе го слават првиот роденден во нашево интернет пространство? Изгледа ние не го полниме Дното доволно често...

Како и да е, пред да се договориме дека и не е најстрашната работа што ѝ се случила на една јавна личност, па дури и покрај фактот што може и треба понекогаш да се запали свеќа за новинарството, прашајте се една работа: кога социјалните мрежи простиле нечија недоветност?

Никогаш.

Некои веќе го нарекоа „најниско паѓање на новинарството”, (а просто, сигурни сме дека нашево може и пониско), особено после твитот во кој, на магазинот не му било доволно само наслов и фотографија, туку, како што беше неодамна модерно во нашите медиуми, убаво го заокружиле белото влакно (станува банално, нели?), да не случајно некој го промаши.

И нормално, луѓето се нервираат:

„Меган Маркл пропушта едно идење на фризер и од 'Мари Клер' решаваат да покажат дека имаат дипломи од новинарство.”

Некои се обидуваат да ја прикажат иронијата со тоа што мудро го искористуваат белото влакно за да обрнат внимание на поважни теми:

„Данокот за пијалоци со шеќер нема да ја намали гојазноста.”

А остатокот едноставно негодува, или смислува тенденциозно поглупи наслови за на „Мари Клер” да им биде срам, на пример: „Дали влакното на Меган Маркл е сингл?”, „Влакното склучува договор за колекција за коса” и најважното: „Белото влакно на Меган Маркл е нов уредник на 'Мари Клер'.

А ние такви имаме колку сакаш.

10 април 2018 - 09:13