Холивудскиот штрајк ги закачи и инфлуенсерите

Синдикатот на филмските работници практично им забрани да соработуваат со студијата, ако имаат амбиција да работат на филм и телевизија. А скоро сите имаат.

На инфлуенсери од сите социјални мрежи им беше соопштено дека во иднина нема да ги примат во САГ-АФТРА ако им помагаат на студијата да излезат од хаосот што во моментов се случува во Холивуд со тоа што ќе им прифаќаат промотивни кампањи. Тоа значи дека и да добијат понуда за филмови како „Барби“ со огромни пари, ќе треба да ја одбијат ако некогаш сакаат да имаат успешна кариера во Холивуд. Од ова се изземени само тие што имаат потпишано  договори пред 13 јули, кога почна штрајкот.

Повеќе инфлуенсери имаат споделено реакции, главно од две страни: едни викаат дека и онака не им треба синдикатот и продолжуваат со кампањите, а други откажуваат договори вредни десетици илјади долари, дури менуваат и дрес-код за сопствениот роденден (на пример, Барби-роденден) во знак на солидарност со филмските работници кои во моментов го тераат најголемиот штрајк во последниве 60 години.

27 јули 2023 - 15:33