Таа го праша „Што ти е омилено на Оскарите?“ Тој рече „Фасцинантно е, сите се тука, панаѓур на суета.“
Таа праша „Дали има некој што се радуваш дека ќе го видиш?“, тој не се заинтересира многу да одговори.
Ешли Греам инаку личи како приватно да е многу позабавна од ова, но сепак, продолжи со спремните прашања - кого носиш, мислејќи на кој дизајнер, на што Хју Грант, повторно видно незаинтересиран рече „Не ми текнува на кројачот.“
Се потруди Ешли уште малку, па се поздравија.
На интернет ја жалат, а го караат Грант дека не се ни потрудил да ја удостои со уредни одговори, но реално, ако размислиме, кога тоа Хју Грант бил еден прекрасен, пријатен човек? Тоа што го мешаме со неговите културни, пристојни ликови од романтични комедии е наш проблем.
Не само што покажувал дека не е истиот од „Нотинг Хил“, туку и се лутел на таа репутација.
„Многу се нервирам кога луѓето мислат дека сум фин, или мирен, или љубезен англиски господин,“ рече во едно интервју со Ентертејнмент Викли во 2016. „Јас сум гаден тип и луѓето треба тоа да го знаат.“
Во 2020 откри дека режисерот Ричард Куртис се забавувал ангажирајќи го упорно за улоги на фин дечко затоа што знаел дека не може да биде подалеку од вистината. Куртис ги има режирано „Всушност љубов“, „Нотинг Хил“ и „Четири венчавки и погреб“, плус му го има дадено и сељачкиот лик од „Дневникот на Бриџит Џонс“.
На прес-конференција за промоција на The Undoing си кажа дека му олеснило што конечно можел да избега од калапот.
„Како да ви кажам. Ричард Куртис, кој ги напиша сите тие романтични комедии многу се... Многу се смееше што луѓето мислеа дека сум еден фин, отворен Англичанец, затоа што знаеше дека се работи за токму спротивното. Многу е фино да се биде поблиску до себе.“
Дури и се има карано со неколку колешки низ годините, меѓу кои и Џулија Робертс заради суровиот начин на кој го критикувал нејзиниот изглед.
Кај Опра, на пример:
„Има многу голема уста. Буквално, физички голема уста. Кога ја бакнував како да чувствував слабо ехо.“
Се има шегувано и дека веројатно не се дружат затоа што премногу шеги кажал за големината на нејзината уста.
„И веројатно ме мрази сега.“
За други колешки:
„Џулијан Мур: Брилијантна актерка. Ме мрази. Рејчел Вајс: Мудра. Убава. Ме презира. Дру Баримор: Ја расплакав. Прекрасно лице на филмска ѕвезда. Ме мрази.“
Само со Рене Зелвегер се нема скарано. Џон Стјуарт го нарече „најлош гостин на сите времиња.“ Грант дури и си призна:
„Еднаш годишно полудувам, и за жал тој беше сведок на таква ситуација.“
Патем, неговото јавно извинување кај Џеј Лено кога ја изневери Елизабет Харли со проститутка сè уште се смета за златен стандард на ПР.
И луѓето се веќе помирени. Може со последниов „инцидент“ конечно ќе го научат и тие што не се.