Позајмено интервју:

Хелен Мирен: Имам тенденција повеќе да им верувам на жените

„Некои луѓе поставуваат интересни прашања и те тераат да се замислиш за работата, понекогаш и за себе, на еден нов начин. Те предизвикуваат да изустиш работи што можеби никогаш не би ги изустил. Те тераат да сфатиш нешта што не си ги сфаќал за себе или за некој проект на кој работиш.”

Г-це Мирен, слушнав дека не сакате новинарки.

Само од Англија.

Зошто така?

Затоа што се превртливи.

На кој начин?

Не се само новинарките, туку сите британски новинари. Затоа што сум жена, имам тенденција повеќе да им верувам на жените. Замислувам дека жените нема да бидат како архетипот на британска новинарка и заборавам дека се. Значи, најверојатно е мојата глупост, на еден начин, во прашање. Но британските новини не се многу фини.

Кога раскажувате интимни приказни од минатото, ги извртуваат?

Ќе земат една ствар и ќе ја стават како наслов. Ќе ја земат од било каде. Еднаш имав прес во Холивуд, со соба полна новинари од секаде. Не се сеќавам што кажав, не беше нешто посебно важно, но следниот ден го видов како наслов во британски весник.

И се разбира, надвор од контекст.

Изведено е како да сум направила интервју само со тој новинар, како да сум седнала во соба со него и сум му дала ексклузивно интервју. Цело време измислуваат. Сакам да кажам, човек треба да се чува.

Што е за вас интервју? Промотивна работа, или ви е задоволство?

(Се смее) Да… зависи со кого разговараш. Некои луѓе поставуваат интересни прашања и те тераат да се замислиш за работата, понекогаш и за себе, на еден нов начин. Те предизвикуваат да изустиш работи што можеби никогаш не би ги изустил. Те тераат да сфатиш нешта што не си ги сфаќал за себе или за некој проект на кој работиш. Многу интервјуа се рудници за маркетинг, навистина многу, но тоа е многу важна алатка.

Речиси и потреба?

Станува сè поважно како што поминува времето, особено со мали, независни филмови. Неверојатно сме ви благодарни што ни давате време, знаете. Многу сме ви благодарни.

Некои други од вашиот калибар ги сметаат интервјуата за досадна работа.

(Се смее) Многу е важно луѓето да знаат дека излегол мал филм. Е сега, Трансформери 2, или Спајдермен 10 имаат огромни буџети за маркетинг. Можат да купат постери и весници и телевизиски простор – но други филмови не можат така.

„Можете да изградите три болници со буџетот на еден филм и тоа го сфаќам многу сериозно.”

Помалите филмови бараат повеќе крв и пот?

Единствениот начин да им кажеш на луѓето дека постојат овие мали филмови е благодарение на новинарите.

Еднаш ве интервјуирав кога имавте проблеми со грбот, но сепак успеавте да го истерате цел ден без жалење.

Па, од моја перспектива, филмот чини многу пари. Можеш да изградиш три болници со буџетот на еден филм и тоа го сфаќам многу сериозно. Ја преземам одговорноста што сум дел од тој производ. Единствениот начин да се биде пристоен околу тоа е да помогнеш околу заработувачката, за да не биде залудно.

Особено кога е многу скап филмот…

Ако чини стотици милиони долари и тие пари отидат во ѓубре – да не може ни да си ги врати парите – би била многу засрамена. Какво фрлање пари. Подобро да беше болница. Ме разбираш што сакам да ти кажам?

Секако.

Затоа и мислам дека е моја одговорност да им помогнам на инвеститорите – а инвеститорите сме јас и ти. Не го сфаќаме тоа, но сепак се работи за нашите пензии. Преку таа некоја банка која инвестира во филмот. Затоа чувствувам фискална одговорност да помогнам на инвеститорите.

Дури и кога ве боли грбот.

Дури и кога ме боли грбот. Сакам да си ги вратат парите. Мислам дека е важно.

Дали ве уморува тоа што прашањата се секогаш исти?

Да, но се навикнува човек. Само си принуден да смислуваш нови одговори.

Ајде да пробаме вака: како им пристапувате на вашите ликови деновиве?

Само го правам тоа што го пишува на страницата. Јас сум Жерар Депардје школа (со француски акцент): „Ако го пишува, го глумам.”

16 ноември 2017 - 13:32