Големите откази заедно со прималниот вресок на секој родител во светот од март 2020 наваму, докажува дека не сум сама во потрагата по нешто надвор од стандардните кариерни аспирации. А и покрај недамнешното инсистирање на Ким Кардашијан дека „на никој не му се работи“, светов никогаш не работел понапорно за толку малку, никогаш повеќе не се давал себеси на капитализмот само за да добие делче од дел од ненормалното богатство на една Кардашијан. Луѓето сакаат да работат - мораме - но многумина од нас веќе не се спремни да го менуваат своето здравје за шанса да се лактаат за распаднатиот американски сон. Има обновен фокус на односите, заедниците и бавниот ритам на живот надвор од затворениот круг на грлбос-етосот што ти создава грижа на совест.
2022 може да е годината кога амбицијата конечно ќе ми ја снема и на тоа ќе речам „со здравје.“
Како млада, возрасна личност, морав да бидам амбициозна; тоа ми беше единствена шанса да избегам од сиромаштија. Знаев дека ако сакам сигурност, стабилност и комфор, морам понапорно да работам, да бидам попаметна и да се трудам во најактивна смисла. Колку и да се трудев, колку и да работев, сепак, гледав како далеку понеспособни луѓе добиваа унапредување пред мене. Седев на безброј интервјуа за унапредување и бев повеќе од квалификувана, само за да чујам „супер си, ама…“ На крај завршував обучувајќи го тој новиот за работата што не сум ја добила.
Амбицијата станува чудна работа кога ќе ја отапи структуралната нееднаквост со која се соочував како не-бела жена во новинска редакција. Добива чудна форма, како да е направена да го осакати тој што ќе се осмели да ја допре. Сепак, јас се трудев да се држам за неа, се мачев да напредувам на повисоки позиции и во различни медиумски компании. Прифаќав „стратешки“ намалувања на плата и унапредувања што значеа повеќе работа, а иста плата, во надеж дека амбицијата некако ќе ме ослободи, дека сето ова на крај ќе вреди и ќе завршам со нешто повеќе од укочени дланки и долг на кредитна картичка.
На крајот, навистина најдов нова работа со подобра титула и повеќе пари, но сега мајчинството ми ја рефокусираше и ми ја изостри идејата за работа. Конечно го согледав времето како потрошливо и морав искрено да одговарам пред себе каде и како го трошам. Година дена подоцна, дадов отказ за да почнам фриленс, за да поминувам повеќе време постоејќи, бивајќи личност цело време, наместо да одвојувам минути за тоа меѓу мејлови и патувања до канцеларија. Тој зен пристап не ми траеше долго; кога забременив со второто дете неколку месеци подоцна, почувствував огромен притисок да најдам друга вистинска работа, за да се потпрам на нешто стабилно.
Но, наскоро потоа удри пандемијата, па сè што дотогаш сметав за нормално, стабилно и безбедно - исчезна. Родителството и работата веќе не беа одвоени; сè беше споено во леплив, неудобен хаос од кој беше невозможно да се избега. Но, овој хаос ми беше и откровение; многу од нас видоа како паѓаат маските на сигурноста. Работата и понатаму продолжи да го става профитот пред луѓето и покрај досега невидените времиња и природата на она што беше пред нас. Од родителите, особено мајките, се очекуваше да издржат и на работа и во улогата на старатели во исто време, без да потфрлат ни на едното, ни на другото место.
До моментот кога чував мало дете и новороденче во локдаун, мојата идеја за амбиција веќе беше трајно изменета. Морав да продолжам да работам за сите да останат нахранети и живи, и сфатив дека не ни сакам, ниту ми треба повеќе од тоа. Немав веќе волја да давам било каков ментален или емотивен простор на идејата дека работата е пат до нешто повеќе. Работата не ми е ни идентитет ни семејство - начин на преживување ми е.
Има илузија кога се работи за кариерата дека сè што ќе откажеш сега, целото украдено време во пат до работа, прекувремено работење, проверување мејлови вон работно време, некако ќе ти овозможи слобода и капитал подоцна. Но таа фарса на „работи денес, забавувај се утре“ ја разобличија и миленијалците и зумерите; повеќето од нас ќе работат до смрт. Тешко е да се одржи амбицијата во лицето на таа реалност.
Пандемијата ги разобличи и сировите нерви на родителот со кариера, ги осветли сите критични простори на тоа поле. Ни покажа како и двата системи не им успеваат на луѓето, без разлика дали се работи за недостаток на градинки за нормален буџет, породилно отсуство или работење од дома, или барем флексибилно работно време. Ни покажа колку брзо компаниите се спремни да жртвуваат животи, да ги означат како „од критична важност“ без да овозможат доволно заштита и поддршка за да им го одржат здравјето. Жртвуваа мајки, принудувајќи милиони жени да ги напуштат работните места за да се справат со обврските што се бараат од нив и само од нив.
Работата побара од нас да ја држиме продуктивноста отворена и покрај тоа што се справувавме со невидени стравови за здравјето, а животи се губеа секојдневно. Ни рекоа да мислиме на ексел документи и содржини како да се еднакво важни колку и тоа да се зачуваме себеси и нашите деца. Тешко е да посакуваш уште малку од тоа, да се бориш за уште повисоко место во таа отровна хиерархија.
Или, барем мене ми е.