Првата грешка што се прави при обиди за покривање на белите влакна е користење на погрешен тип на боја.
Имено, според PureWow, подобро е да се користи полутрајна боја, што ги прави белите влакна едноставно незабележливи, а постепено паѓа со тек на време, отколку трајна боја која повеќе покрива, но прави остра промена - особено кога ќе никне корен.
Исто така, кај трајната боја точно се забележува линијата кога расте коренот, што значи дека многу почесто ќе треба да се освежува, за да личи на нешто.
Втора, и веројатно најпаметна варијанта е да се обидете со вадење посветли прамени - на тој начин се блендираат посветлите делови од косата со остатокот, па контрастот не е така воочлив. За ова, посреќна категорија се луѓето со посветла коса.
На крај, ова е само идеја. Пандемијата ја однесе модата за коса во сосема неочекувани правци: во „Коса во време на Ковид“, пишувавме за жени што едноставно престанале да се замараат и тоа со многу позитивни резултати по психа. Трендот стигна и до Кан, каде што Енди Мекдауел, Џоди Фостер и Хелен Мирен гордо ги прошетаа белите влакна.
Ако може на Дита фон Тиз да не ѝ е гајле, може на сите. Но, бидејќи времето и отсуството на оние напорни ковид-мерки нѐ пуштаат надвор, сосема е во ред повеќе да не ги доживуваме белите влакна како некое достигнување. Одберете си добра боја и правете како ви е ќеиф.