„Глуп и поглуп“ без Џеф Даниелс?

Браќата Фарели имаат изјавено дека никој не сакал Џеф Даниелс да се појави во „Глуп и поглуп“.

За да бидат сигурни дека ќе ги одбие, Њу Лајн Студиос му понудиле 50.000 долари за улогата, и пак прифатил без размислување и без да проба да преговара за повисока плата, и покрај тоа што неговите агенти инсистирале дека ја прави најголемата грешка во кариерата и ќе си ја уништи репутацијата како сериозен актер и дека Џим Кери ќе ги добие сите заслуги за комедијата. Даниелс им рекол дека одлуката е конечна и како што знаеме - не беше грешка.

Џеф Даниелс има раскажано дека ниедна од заедничките сцени со Џим Кери не се снимале првата недела затоа што студиото било спремно да го замени, одејќи дотаму да има комичар на стендбај што чекал да преземе. Сепак, откако ги гледале дневните снимки и по постојаното инсистирање на Џим Кери дека вистински актер (наместо комичар) треба да игра покрај него за да го „приземји“, студиото му дозволило на Даниелс да ја задржи улогата.

Даниелс тврди дека бил на голф-терен еден ден и му пришол Клинт Иствуд да му каже дека го гледал филмот. Овој се спремил да го караат, ама Иствуд само сакал да сподели дека сцената со тоалетот му се случила еднаш кога бил на дејт. Подоцна заедно ќе се појават во Blood Work.

За улогата на Хари бил предложен и Николас Кејџ, кој пробал да преговата за покачување од 2 милиони долари, но сепак на крај Њу Лајн се одлучиле да продолжат без него.

20 февруари 2024 - 12:40