Гледајте „Аманда Нокс” на Нетфликс

Девојката што требаше да биде Тед Банди во женско издание, а „нејзиниот” злостор да добие епитет „на деценијата”, веројатно ќе се сведе на желбата на еден италијански детектив да биде Шерлок Холмс.

Нема овде совршено објаснување за тоа што се случува, ниту катарзично „аха”, како кај документарецот за Тед Банди. Ако сте на страната на Нокс и нејзиниот италијански дечко, сепак не сте презадоволни од заклучокот дека е виновен еден трет човек што никогаш „филмски” не се скрши и не раскажа во детали како било. Напротив, сè уште тврди дека е невин.

Ако сте на страната на италијанската полиција, тогаш филмот остава едно горчливо чувство на нерешена мистерија, без некаква сатисфакција дека правдата е задоволена.

Без спојлери, вистината е веројатно истата што и на крај ќе ја пресуди италијанскиот суд, но филмот е важен на едно многу подлабоко ниво. Разобличувањето на вечно непроменетиот ментален склоп кај широките народни маси, склони на вљубување во чудовишта и фаќање сеир на „тоа што му се случува на некое таму друго семејство.” На некој со име што не ти е познато. Па, после некое време ти станува познато, а ти носиш заклучоци според тоа што ќе ти го кажат медиумите.

А медиумите пишуваат и дека „Аманда Нокс ја убила цимерката во сатанистички ритуал” и дека е можно „да се работи за грабеж што тргнал наопаку.” Што ѝ е поинтересно на сочувствителната публика? Се разбира дека првото.

И медиумите се составени од лешинари како новинарот на Дејли Мејл, Ник Пиза, кој конечно ги дочекува своите пет минути слава, и весело раскажува за сите свои многубројни насловни страници откако почнал да ја покрива приказната за, како што гордо ќе ја нарече - Фокси Нокси. Додека едно семејство страда затоа што ја губи ќерката привремено, а друго затоа што ја губи ќерката засекогаш, Пиза, како олицетворение на индустријата што ја претставува (а ако се сеќавате на принцезата Дијана, се сеќавате и колку многу суровост лежи во британските сензационалистички журналисти), раскажува за своите ѕвездени моменти, притоа непризнавајќи го фактот дека светот поради неговата фела веќе ја има осудено Нокс, ужива да ги прераскажува страшните детали од судбината на убиената Мередит Керчер и изигрува судија за нешто што е и онака толку трапаво изведено, што те тера како гледач на крај резигнирано да се потсетиш дека реалниот свет не е воопшто така фино подмачкан како во една крими-серија.

11 февруари 2019 - 00:06