Французинките немаат никаква тајна за убавина - до ставот е

Медиумите упорно нè убедуваат дека Французинките имаат нешто што другите жени го немаат. Елегантни без напор, природни, со несредена коса и впечаток дека вријат од самодоверба. Што е тајната? Па, нема тајна.

Митот за француската убавина не се темели на некој магичен производ или комплицирана рутина со десет чекори, иако не еднаш пробале да ни подвалат скапа козметика лепејќи ѝ етикета „тајната на Французинките“. Уште ако ставиш „на парижанките“ наместо да ги опфаќаш сите француски села, дури тогаш ќе лета тоа од полици.

Но, да се уозбилиме, феноменот за кој пишуваме, повеќе се должи на поинаков однос кон убавината - помалку како обврска, а повеќе како дел од животниот стил.

Во француската култура, грижата за себе традиционално не се поврзува само со изгледот, туку и со чувството на задоволство, удобност и личен избор. Добро вино, убаво подготвен оброк, прошетка, квалитетен парфем или добро избрана облека се дел од истата идеја: уживањето во малите нешта е форма на грижа за себе.

Кога станува збор за козметиката, францускиот пристап често е поумерен. Наместо да се обидуваат да ја променат кожата, многу Французинки се фокусираат на одржување. Добра хидратација, заштита од сонце, квалитетни производи и редовна грижа често се поважни од агресивните третмани и постојаното експериментирање.

Интересно е и што француската естетика никогаш целосно не ја отфрла несовршеноста. Брчките, природната текстура на кожата или малку неуредната коса не мора да бидат нешто што треба веднаш да се „поправи“, плус, наместо идејата за совршенство, се нагласува карактерот. На Беатрис Дал сигурно не ѝ биле проблем парите да си направи нови заби - просто, не е тоа поентата.

Истата филозофија се гледа и во модата. Францускиот стил не се базира само на скапи парчиња, туку на комбинацијата на едноставни и безвременски избори: добро скроено сако, бела кошула, фармерки што совршено стојат, квалитетни чевли или впечатлив детал. Целта не е облеката да ја засени личноста, туку да ја нагласи. Видете на пример: Како да си направиш своја модна капсула.

Секако, сликата за „Французинката“ е делумно и мит создаден од филмовите, рекламите и модната индустрија. И Французинките користат козметика, посетуваат фризери и трошат време на својот изглед. Разликата можеби е повеќе во ставот: на убавината не се гледа како на проект што постојано треба да се усовршува.

Или, ако мораме баш да ја лоцираме тајната: Опуштено.

7 август 2026 - 11:07