
Француската влада подготвува чуден потег што ретко се гледа во европските политики за население: испраќање писмо до сите граѓани кои оваа година полнат 29 години, за да ги потсети дека времето за родителство не е неограничено и дека државата нуди поддршка за оние што имаат потешкотии со зачнувањето.
Писмото, кое ќе го добијат и мажи и жени, е дел од план со 16 мерки насочени кон зголемување на наталитетот во Франција, во услови кога стапката на раѓања е падната на 1,56 деца по жена - најниска од 1918 година. Според властите, неплодноста влијае на еден од осум парови, што ја прави клучна тема во демографската стратегија. Целта, велат од министерството, е да се избегне подоцнежното чувство на „да знаев порано“, преку навремено информирање за биолошките ограничувања и достапните опции.
Одлуката писмото да се испраќа токму на 29 години е поврзана со француското законодавство, кое им дозволува на жените на таа возраст да замрзнуваат јајце-клетки без лекарска потврда. Социјалното осигурување ги покрива трошоците за замрзнување и чување на јајце-клетки за жени на возраст од 29 до 37 години, што исто така ќе биде нагласено во писмото. Во него ќе се спомне и „биолошкиот часовник“, при што пораката е насочена и кон мажите. „Часовниците не се исти, но и мажите имаат свој“, изјави еден официјален претставник.
Министерката за здравство, Стефани Рист, нагласува дека писмото нема да биде повик или притисок за раѓање деца. „Улогата на политиката не е да пропишува, туку да отвора можности“, вели таа, додавајќи дека содржината ќе вклучува информации и за контрацепција и сексуално здравје.
Мерката наиде на скепса кај дел од јавноста. Психологот Мари-Естел Дипон смета дека ефектот ќе биде ограничен и дека владата подобро би направила доколку го продолжи породилното отсуство од сегашните 16 на 26 недели. Според неа, конкретната институционална поддршка има поголемо влијание врз одлуките за родителство отколку информативни кампањи.
Меѓу оние што ќе го добијат писмото е и Лена Махфуф, попозната како Léna Situations, една од најпознатите француски инфлуенсерки, која во ноември ќе наполни 29 години. Таа веќе јавно изјави дека не е подготвена да стане мајка и дека можеби ќе размислува за тоа дури за десетина години, став кој одекнува кај многу млади Французи.
Слично размислува и Пол Брунстен-Компар, 29-годишен стенд-ап комичар од Париз, кој ја опиша идејата државата да испраќа вакви писма како „третирање на луѓето како деца“. Иако вели дека би сакал да има деца, моментално не се чувствува економски подготвен. Дополнителна грижа за него, како и за дел од неговите пријатели, се еколошките последици од зголемувањето на населението и чувството дека иднината станува сè понеизвесна.
Загриженоста за иднината ја поттикнува и поширокиот политички контекст. Франција е преплавена со кампањи за регрутација во армијата, особено по повиците на претседателот Макрон за воведување доброволна воена служба. „Не би сакал да имам дете па да ми го праќаат на фронт во Украина“, вели Брунстен-Компар.
Иако Франција со години имаше повисок наталитет од повеќето европски земји, сегашниот пад ги алармира властите. Макрон повика на „демографско пренаоружување“, предупредувајќи дека комбинираниот ефект од стареењето на населението и нискиот наталитет носи сериозни економски ризици. Доколку трендовите продолжат, до 2070 година само половина од населението ќе биде во работоспособна возраст, додека околу 30 проценти ќе бидат постари од 65 години, со пад на економскиот раст и зголемување на јавните трошоци.
Покрај писмата, владата најави и други мерки, меѓу кои амбиција Франција да стане светски лидер во истражувањата за причините за неплодност, како и зголемување на бројот на центри за чување замрзнати јајце-клетки од 40 на 70. За првпат се разгледува и можноста приватниот сектор да добие дозвола да работи во оваа област.