Прво, мејкоувер? Да, „трансформација“ е, ама изразот е толку филмски и американски, што само од таму сме го научиле, и никогаш не сме се обиделе да му најдеме достоен превод. Исто и самиот филм, добивал тажни преводи од типот на „Вљубената тинејџерка“ до пристојни како „Без поим“, а можеби најмногу му одговара „Изгубена“. Само што, така опасно се доближува до нешто како „Gone Girl“, па среќно се враќаме на оригиналот, затоа што кога се работи за овој филм, едноставно, само ти се гледа, не ти се преведува.
Сепак, може некој ќе се нафати на предизвикот. Во меѓувреме, за Бибиси, новинарката Хана Флинт ја отвара темата за неговиот пристап кон филмското „ново модно замислување на себе“ (гледате колку е напорно?)
Шер Хоровиц обожава мејкоувери. „Главна радост во животот ѝ е“, како што истакнува Дион и „ѝ дава чувство на контрола во свет полн хаос“. И нели, додека ја дотерува Тај, од растурен гранџ во принцеза од Беверли Хилс, не забележува дека личноста што ја доживува промената е токму таа.
Оваа тропа се користи во Холивуд многу долго време, особено во романтични комедии. Како алатка е комплетен естетски ремонт на еден лик за да се придвижи приказната и ликот да го направи поатрактивен на повеќе нивоа, главно - на романтично. Сепак, пред 25 години, режисерката Ејми Хекерлинг го преврте тоа како клише и овозможи досетлива критика на конзумеристичкиот, привилегиран живот на тинејџерите во Лос Анџелес.
Побарале од нејзе да напише сценарио за младинската култура и напишала модерна верзија на „Ема“ од Џејн Остин.
„Без да бидам свесна, напишав Ема-лик,“ вели Хекерлинг. „Особено со фактот што нонстоп прави мејкоувери. Беше многу манипулативна на еден фин начин; живееше во фантазија на другите луѓе. Се обидов нештата што се случувале во убавиот дел на 19 век да ги донесам во Беверли Хилс.“
Кај сцената на која публиката најмногу реагира, кога тече евтината фарба од косата на Тај, па прават монтажа од разни модни комбинации, се гледаат нашите аспиративни апетити, според Д-р Џулија Вагнер, предавач по филмски студии во лондонскиот Квин Мери Универзитет.
„Шминката, облеката и фризурите се менуваат набрзина и без напор. Девојката седи, а други се мавтаат околу нејзе. Филмските мејкоувери одигруваат исполнување на желба - дека сите, со мала помош од нечија стручност можеме да се трансформираме во прекрасно, самоуверено суштество.“
Се подобрува и самодовербата на Тај како што се претвора во идеализирана слика - но колку повеќе Шер ја учи како да се облекува, како да зборува и со кого да се гледа, толку погрд ѝ станува карактерот. Затоа и ваквата верзија на другарка ѝ, на протагонистката ѝ исправа огледало и ѝ ги истакнува недостатоците на нејзината површност. Поради тоа, розевите наочари паѓаат и на Шер ѝ се менува перспективата.
“I needed a complete makeover,” she says, “except this time I’d makeover my soul.”
Филмот сега мудро ја искористува тропата и покажува дека привлечноста не зависи само од колку конвенционално-добро ќе изгледаш однадвор, туку и од тоа каква (добра) личност си однатре. И никако не сака да каже дека треба да престанеш да се дотеруваш поради тоа - и на крајот, Шер сѐ уште носи дизајнерска облека.
Има и сексистичка нота овде, според некои, а се наведуваат и примери како Миа од „Дневниците на принцезата“, па Лејни Богс од „Таа е сѐ тоа“, каде што хероините стануваат „социјално поприфатливи“ со нивното разубавување. Плус, има чудна динамика на моќ и во двата филма - во првиот, една кралица со сила ја учи внука ѝ како да се однесува за да се вклопи во елитните кругови што ја чекаат од раѓање (иако џабе се трескаат од земја негодувачите, кога знаеме како завршува филмот), а во вториот - богат популарен средношколец трансформира сиромашна уметница во кралица на матурската заради облог.
„Во срцето на многу вакви филмови лежи мотивот на манипулација на немоќните од страна на моќните ликови,“ објаснува Вагнер. „Целта е да процвета личноста што се менува, но сепак мотивот е да му биде на некој начин подобро на некој помоќен лик.“
Затоа е „Clueless“ уникатен во овој контекст. Искреноста на Шер, без разлика на мотивацијата во ниеден момент не е доведена до прашање, иако иницијативата потекнува од нејзиното површно гледање на работите во однос на тоа како треба да изгледаат и да се однесуваат луѓето за да припаѓаат во нејзиниот свет. До крај, ликот Шер еволуира во многу подобра верзија на себе, што ја прави приказната учебнички совршена во однос на градење лик, а филмскиот мејкоувер само го користи како алатка за Беверли Хилс-катарза.
Не за џабе е култен.