Група на Фејсбук каде што луѓето се преправаат дека се бумери

Целта е да се однесуваш како бумер, поточно - да пишуваш објави како бумер и примен си. А, бумер по погрешно емоџи се познава.

A group where we all pretend to be boomers“ постои од 12 мај и е веќе онлајн сензација - има над 260.000 следачи.

Поентата е да се исмеваш со постарите генерации кои сè повеќе доминираат со Фејсбук - значи објавуваат мемиња со Мињони, долги десничарски мислења, критики за авокадо, огласи за пластични садови и поплаки за разни служби за корисници. Може да се очекуваат и сериозни статуси од типот „Жена ми ме напушти и ги зема децата“, на тотално несоодветни позадини (со торти и виножита).

Ова иако е голема група, не е единствена ваква. Во последно време, Фејсбук е преплавен со вакви преправачки заедници - ако го впишете терминот pretend to be, ќе ви излезат еден куп.

За бумери има и српска (Група у којој се сви претварамо да смо бумери). До скоро имаше и „у којој се сви претварамо да смо Бугари“ и имаше илјадници луѓе, ама сега е останата само „...Румуни“ и е доста мирољубива.

Има и за преправање дека си миленијалец, прогресивен бумер, па и бумер што се преправа дека е миленијалец, има приградски татко што прави скара, има за инфлуенсери, и за еден куп други интересности.

Една група каде што „сите се преправаме дека сме мравки во мравјалник“ главно се состои од постови каде што луѓето си споделуваат совети за храна за мравки и се предупредуваат за дожд.

Не е ни ведро секогаш, затоа што постојат и групи каде што луѓето се преправаат дека се чувари во затвор, па објавите стануваат и мрачни. Се преправаат и дека се наркомани, па и таму е мрачно, а некогаш и самата „забавна“ активност е доведена до опасност, затоа што, конкретно бумерското однесување на пример, автоматски знае да захтева и расизам, хомофобија и трансфобија, а Фејсбук не разгледува многу-многу дали некој се преправа во моментот или не.

На македонски таква група не најдовме.

27 јули 2026 - 10:05