Ешли Греам не се разголува за лајкови, ако баш сакате да знаете

Ешли Греам која модната кариера ја користи и за боди-позитивити активизам, покренува дискусии за тоа „како изгледа нормално женско тело“ и се залага за свет во кои „жените нема да имаат потреба да ги објаснуваат своите тела“.

„Не објавувам слики каде што сум полугола заради лајкови. Објавувам за некоја што е 10 години помлада од мене да знае дека голем задник и сало на колкови не е ненормално,“ изјави за магазинот Портер, објаснувајќи дека е благодарна што има „глас да каже што е убаво и во ред“.

„Би сакала кога бев помлада да имаше некој што ќе зборува и бестрашно ќе го покажува целулитот и салото на грбот, за да знам дека е нормално, дека така изгледа едно тело.“

Греам често споделува фотографии од себе на Инстаграм - и гламурозни и не баш гламурозни. Го покажа и (неретуширано) телото додека беше бремена и откако го роди синот Ајзак во јануари 2020.

Иако себеприфаќањето било предизвик едно време, Греам зборува за неверојатната моќ што ја почувствувала откако е мајка. Дури и признава дека бебе во пандемија ја принудило на паузата што долго ѝ била потребна.

Сепак, да не се секирате, после периодот во Небраска со семејството, мајка ѝ и секојдневни пецива со цимет, се враќа во Њујорк и се спрема да почне да работи.

Чисто да си знаете дека ќе има уште слики.

20 април 2021 - 15:36