Една од најфасцинантните жени за кои не сте слушнале

Корсетите често знаеле да ги спречат жените во комплетно уживање во животот, но Камил ду Гаст едноставно не дозволила. Била истражувач, со сопствен ум и страст за брзина - летала со балон, со падобран, се тркала со моторен чамец, се мечувала, скијала, пукала, јавала, а кога ќе ѝ здосадело тоа - свирела на пијано и пеела.

За Камил се зборува и дека имала девет животи, откако излегла неповредена од една „трка на смртта“ на самите почетоци на мото-спортот. Преживеала и обид за атентат нарачан од нејзината сопствена ќерка. Сето ова наспроти гламурот на високото добро утро во позлатеното доба на Франција - Убавата епоха.

Родена е во Париз, во 1868 како дел од буржоазијата, на 22 години се омажила за Жил Креспан, акционер во една од најголемите стоковни куќи во Франција. Само пет години подоцна тој умира и ја остава како мајка-вдовица, но со неверојатно богатство и незаситена потреба за авантура.

Камил веќе имала истражувано елитни нови спортови со нејзиниот покоен сопруг, поточно балони со топол воздух и падобранство. Била фасцинирана до степен на опсесија со секакви нови форми на движење, особено моторни возила, кои се уште биле луксуз во тоа време. Жената прогласена за најубава во Париз одеднаш станува колекционер на автомобили и се вози низ градот со некои од најраните коли - Пежо и Панар е Левасор.

Поназад во нејзината историја, кога имала само 17 години, Анри Жерве ја има насликано La Femme au Masque, портрет на гола жена со маска, чиј идентитет никогаш не е откриен. Крајно реално насликано, било сензација од самиот почеток и веднаш привлекла озборувања и интрига. Многу жени низ „пристојното“ општество биле обвинети дека позирале, но во 1902, Камил станува централна фигура во парискиот скандал на Ла фам о маск.

Тука некаде и ѝ тргнува животот наопаку. Семејната динамика и онака не ѝ била идеална, но во сред горчливи судски битки, речиси полнолетната ќерка на Камил и други роднини што се тепале за семејното богатство станале особено гадни. Во бескрупулозен обид за атентат на карактер, адвокатот на семејството формално и јавно ја обвинува Камил дека е жената на сликата на Жерве, расправајќи дека во минатото и нејзиниот покоен сопруг бил на дуел со сликарот во нејзина чест. Пријателите на Камил, дури и Жерве - застанале во нејзина одбрана, но штетата била направена. Гласините се рашириле како див пожар, се создал медиумски циркус, се полнеле таблоидни страници од Њујорк до Сиднеј. Во реалноста, моделот е најверојатно Мари Ренар, но маскираното лице секако канело шпекулации и нечуени обвинувања.

Камил на крај сепак успеала да си го задржи богатството, но до тогаш веќе имала изгубено интерес за културното друштво и се препуштила на нејзината љубов кон спортови и авантури што ќе ја однесе на веќе истражувана патека што ќе доминира до крајот на нејзиниот живот.

Камил била втора жена во Франција што добила возачка дозвола - во 1897, но прва што добила казна за брзо возење - 15км/ч наместо дозволените 12.

Во еден момент прави обид и да влезе во светска политика. Во 1906, кога Франција и Германија се судриле за иднината на независноста на Мароко, се обидела да помогне како тогашен „инфлуенсер“. За ова, весниците пишувале,

„Не е бескорисно да се надеваме дека, каде што дипломатите не успеваат, дипломатијата на една жена може да успее.“

Злобата на нејзиното семејство не можела да се смири, па сè уште ѝ завидувале, особено нејзината отуѓена и огорчена ќерка, која после бројни неуспешни обиди да ѝ изнуди пари, најмила убијци да отидат во нејзината куќа во сред ноќ во 1910, но „не биле баш од највисок калибар“, па кога ја разбудиле, Камил се соочила со нив и веднаш избегала.

Нешто се срушило во нејзе после овој инцидент, но продолжила со нови предизвици. Била претседател на Француското друштво за превенција на суровост врз животните и водела кампањи против борби со бикови, со големи протести и стотици демонстранти. Отворала центри за сираци и сиромашни жени и станала потпретседател на водечката организација за женски права во Франција. Обезбедувала здравствена грижа за жени и деца од ранливи категории во окупираниот Париз од страна на Германците, до нејзината смрт во 1942.

Закопана е на гробиштата Пер Лашез и запаметена како „една од најбогатите и најостварени вдовици во Франција“, со живот кој ретко која жена во тоа време си дозволувала да го живее.

 

3 февруари 2022 - 00:01