Дона Дрејк - Афроамериканката што го прелажа светот

Во 1933, Парамаунт вади ПР пакет за новата старлета со која имаат потпишано - Дона (или Доуна) Дрејк, совршено вклопена во идеалот за убавина во тоа време - порцеланска кожа, русокоса, згодна... И црнкиња. Само што, тоа го немало во ПР-от.

Дрејк најчесто игра „етнички“ улоги - латиноамериканки и девојки од Блискиот исток. Се претставува и како Уна Новела, Рита Новела и Рита Рио.

Во еден момент изгледа вака:

На пописот од 1910 во САД, татко ѝ е запишан како црн и мајка и како црна. Во 1920, двајцата се мулати. Во 1930 се „негро“. Веќе во 1950, татко ѝ и брат ѝ се запишани како „бели“, а и Дрејк исто.

ПР-пакетите биле спремни со фотографии и детални биографии, до места на раѓање и мајки и татковци и во 90% од случаите биле измислени. За Дрејк на пример напишале дека е родена во Мексико, со татко и мајка Хозе и Анонсио Новела, со бизнис со ресторани, а корените ѝ се разнолики - мексиканско, ирско и француско потекло - за да звучи егзотично. Се одело до тој степен да ги научат актерките да го зборуваат течно јазикот за кој се тврди дека им е мајчин, за лесно да ги продадат пред публиката.

Во тоа време, дури и белите актерки не смееле да кажуваат дека приватно се дружат со црни. Само Ава Гарднер била доволно храбра да се спротистави и јавно да ги нарекува другарки.

Во тој ужасен свет каде што со актерките се постапувало како со кукли и со леснотија ги дрогирале и ги уништувале ако воопшто се осмелувале да го кренат гласот, Дона Дрејк успева да стане ѕвезда. Прашањето што се поставува е - дали вредело?

15 февруари 2024 - 21:27