Список на желби:

Додека собирате пари за љубовната алка на Картие

Може ако се појавите во дуќан на Картие и ги изрецитирате овие 10 факти што ќе ги прочитате ќе ви ја дадат бесплатно. Добро, нема, затоа што тоа е частење од 5-6000 евра, ама не боли да се знаат.

Љубовната алка на Картие е најгугланото парче накит за 2016-та. Светските медиуми ќе кажат дека е тоа е најверојатно заради Кајли Џенер и нејзината новооткриена почит кон дизајнот (или ултра-умните маркетинг експерти кои препознале дека баш нејзе треба да ѝ се пратат две-три алки за сликање на Инстаграм), но ние би рекле дека не е мала историја зад ова парче па не е ни чудо што доживеа ренесанса:

1. LOVE алката не е дизајнирана во штабот на Картие во Париз, туку во работилниците во Њујорк во 1969-та.

2. Обликот е овален за да може што е можно полесно да се вклопи на раката на партнерот и планирано било да ја носат и мажи и жени. Ги викале „модерни љубовни лисици” поради начинот на кои се затвараат со штрафцигер.

3. Се работи за прво парче што дизајнерот Алдо Чипуло го креирал за Картие. Негова е и Juste un Clou (клинецот)

4. Дизајнот на Чипуло често се вели дека е револуционерен во поглед на начинот на носење накит. Во ерата кога е создадена љубовната алка, накитот често се бирал според облеката, но оваа на Чипуло не барала координација – се носела деноноќно.

5. Има гласини дека од Картие им бранеле на муштериите да си купуваат љубовни алки за себе – за да купиш, морало да си во пар.

6. Алките прво биле изработувани од сребро и позлатувани, но компанијата наскоро почнала да произведува и алки од чисто злато. Алката со дијаманти прв пат ја направиле во 1979.

7. Препознатливите округли штрафчиња кои се декорација на алката биле инспирирани од штрафчињата што ги има на Сантос часовникот на Картие.

8. Кога алките прв пат се појавиле во продажба, од Картие ги поклониле на некои од најпопуларните двојки на 20-тиот век – војводата и војвотката од Виндзор, Елизабет Тејлор и Ричард Бартон, Али Мекгро и Стив Меквин и Софија Лорен и Карло Понти. Денес ги носи Кајли Џенер и не се знае кој со неа.

9. Љубовните алки прво немале сериски броеви, но поради масовното копирање (на иБеј ги има за долар, а по чаршија златни и сребрени за неколку стотици евра, ама не се Картие) компанијата почнала да ги гравира со уникатен број кој се чува и по документи.

10. Има легенда дека некои болници во Њујорк се чуваат штрафцигери за LOVE алка за да можат да им ги извадат на пациентите при итни случаи.

14 декември 2017 - 18:04