До кај сме со контрацепција за мажи?

Едно 50 години нè мафтаат со „кај и да е, за 10 години”.

Замисли - нејќеш да раѓаш. Дали никогаш, дали не е добар момент, дали имаш други планови за оваа година, дали не си спремна од икс причини… И маж ти/дечко ти ти вика - не се секирај. Пијам апчиња.

Не ТИ, тој пие.

Вакво сценарио се ветува со децении, со бомбастични наслови, со „еве го иде”, со све, а некако пак извисуваме, и едни и други. Жените имаат десетици опции за заштита, а машките само две: кондоми и трајни васектомии. Што не е фер.

Одговорот на прашањето „зашо вака праите” зависи од тоа кого ќе прашаш. Некои научници тврдат дека да убиеш милиони сперматозоиди е многу потешко од справување со една јајце клетка. Фармацевтските компании мислат дека е премногу ризично да се финансира развој на нешто што мажите нема да го користат, а жените нема да им веруваат дека го користат. Независните експерти го обвинуваат системскиот сексизам. Репродукцијата, како што велат, е „женска работа”.

Има и уште една работа - многу поголема: најчесто овие ветувања, самата причина што машката контрацепција никако да дојде, се - лажни. Со истражувања навистина се дошло до методи што функционираат и мажите и жените стварно сакаат машки опции.

„Но, да сакаш не е исто со да добиеш дозвола,” вели Џон Ејмори, професор по медицина на University of Washington School of Medicine.

Како што на жените им е јасно, методот за контрацепција треба да постигне три нешта: ефикасност, реверзибилност и безбедност. А на науката ѝ треба многу време да ги постигне сите три за мажи.

Дајана Блит, програмски директор во Националниот институт за детско здравје и Програмата за развој на контрацептиви, вели дека не е заебанција да спречиш 800 милиони сперматозоиди од една единствена ејакулација да си бркаат работа.

Во 1974-та, Елсимар Кутињо, лекар, помислил дека ги покрил трите потребни параметри со госипол, орален контрацептив за мажи што во составот содржи хемикалија од памук за да го намали бројот на сперматозоиди. Не успеало на пазарот кога се открило дека ефектите се трајни (нереверзибилност). Оттогаш, истражувањата се фокусираат на хормонски методи, вклучувајќи и неделни хормонски инекции кои се докажале како ефикасни и можни за поништување. Но, производите упорно стигаат до истиот ѕид - проблем е безбедноста, или она што жените што користат контрацептивни апчиња го знаат како - контраиндикации.

Проблемите од типот на зголемување на телесната тежина, акни и промени во расположение - нели, тоа што ги мачи жените секојдневно кога пијат апчиња - во еден момент успеваат да ги растурат инаку успешните истражувања за машки контрацептиви. Во 1996-та, она што требаше да биде „права ствар” беа инекции со тестостерон, но откако пациентите се пожалиле дека се здебелиле, дека им се смалил волуменот на тестисите и дека не им се доаѓа секоја недела, ништо не излегло од истражувањето. Десет години подоцна, уште едно клиничко истражување со тестостерон и прогестерон се распаднало, кога мажите почнале да се откажуваат заради болки во мускулите, акни, депресија и промени во сексуалниот нагон.

„Мажите едноставно нема да толерираат нешто што им се меша во либидото или е поврзано со дебелеење,” вели д-р Ејмори со воздишка. Не ни смета на финансирање од страна на фармацевтската индустрија - истражувањето што го прави во моментов, клинички обид за хормонален гел што намалува количина на сперма го финансираат мал број на владини фондови кои инаку одвојуваат средства за сите истражувања за контрацепција, вклучувајќи и нови опции за жени.

Значи да, ова е класичен сексизам, како што потврдува и Лиса Кампо-Енгелстајн, професорка по биоетика на медицинскиот колеџ во Албени. „Никој не ни трепка кога на жените им се намалува нагонот после апче,” вели таа. „Но, кога се случува кај мажи? Не, луѓето ќе ти речат, ‘нема шанси, тоа е дел од она што значи да се биде маж.’”

Во исто време додека трае ова кукумјавчење, се одобруваат десетици нови опции за женски контрацептиви. Жените толку често ги бараат, што дури и не сакајќи му ослободуваат простор на дуплиот стандард што им дозволува на мажите да не се замараат.

15 август 2019 - 14:23