До каде сѐ се оди за улога

Метод-глумци има повеќе, и тоа, ако имаат здружение на граѓани најверојатно ќе ги предводи Даниел Деј Луис. Што значи метод? Меѓу другото и кога буквално се претвораат во ликот и не излегуваат од него додека трае снимањето.

Џејми Фокс си ги лепел очните капаци за верно да го долови Реј Чарлс

Реј Чарлс е слеп уште од дете, па додека траело снимањето, Џејми Фокс по 14 часа на ден си го жртвувал видот. Си ги лепел капаците, плус ослабел 13 кила.

Ештон Качер завршил во болница заради „Џобс“

Стив Џобс имаше занимлив однос кон традиционалниот западњачки поглед на здравјето и исхраната. Подоцна доби фатален рак на панкреас и има луѓе што сметаат дека неволноста да користи западна медицина придонела толку рано да почине. Како и да е, Ештон Качер ја ископирал неговата исхрана базирана на овошје кога се спремал за биографскиот филм и завршил во болница.

„Прво, исхрана само со овошје води до… тешки проблеми. Завршив во болница два дена пред да почнеме со снимање. Бев превиткан од болка. Вредностите на панкреасот ми беа полудени и се извадив од памет, кога ќе земеш сѐ предвид…“

Адријан Броди се откажал од сѐ што имал за „Пијанист“

Владислав Спилман изгубил многу поради Холокаустот, па за поточно да го претстави во „Пијанист“, Адријан Броди своеволно се изложил на загуба. Се ослободил од сѐ што поседувал - станот, колата, мобилниот, а според некои сведоштва - дури и од девојка му.

Даниел Деј Луис живеел во село од 17 век, без струја за „The Crucible“

Дејствието на филмот е во 1600-те во Масачусетс. Даниел Деј Луис кој го глуми Џон Проктор самиот изградил неколку од градбите со алатки од тоа време. Плус, секој момент го користел да се преправа дека живее во 1600. Кога ќе викнеле „сечи!“ не одел да јаде или да разговара со колегите, туку седнувал и со стар нож острел парче дрво.

Вал Килмер научил 50 песни за „The Doors“

Килмер не сакал само да го имитира Џим Морисон - сакал да стане Џим Морисон. Научил 50 песни од бендот, иако само 15 влегле во филмот. Неговиот глас толку многу личел на гласот на Морисон, што на повеќето песни во филмот пее лично Вал Килмер.

Даниел Деј Луис (пак) се тепал по улици заради „Бандите на Њујорк“

Вилијам Пул, познат и како Касапот Бил вистински постоел, па за да стане Бил, Даниел Деј Луис се спремал со тоа што учел за касап, фатил пневмонија поради костимот и шетал по улица и се закачал со случајни минувачи.

Хилари Сванк се претставувала како машко за „Момчињата не плачат“

Кога ја добила улогата на Брендон Тина не била позната, а знаела дека играње транс-маж ќе биде предизвик. И бидејќи речиси анонимна, излегувала облечена како машко и се претставувала како брат ѝ, Џејмс. Сега се има пожалено дека веќе не може да прави такви експерименти во јавност, затоа што луѓето ја препознаваат и ја прашуваат „што ти е на тебе?“.

Даниел Деј Луис (напор) се однесувал исклучиво како Абрахам Линколн за „Линколн“

На Сали Филд која во филмот ја игра сопругата на Линколн ѝ пишувал пораки како да е г-ѓа Линколн и очекувал да му одговара како жена од таа ера. Ова го правел и со другите од екипата - откако завршило снимањето, Џозеф Гордон-Левит има изјавено дека никогаш не го ни запознал Деј Луис - само Линколн.

Џаред Лето ослабел над 20 кила за „Dallas Buyers Club“

„Престанав да јадам. Беше 15-20 кила. После некое време престанав и да бројам.“

29 јуни 2021 - 15:51