Денес нема шанси да се сними филм како „Poison Ivy“

Режисерката на филмот објаснува зошто еротскиот трилер со Дру Баримор од 1992 немаше да може да се направи денес.

Кога публиката ја запозна Дру Баримор, имаше 6 години и крадеше внимание во сите сцени на E.T. каде што се појави. Десет години подоцна, со 16, се појави како тинејџерска заводничка во филмот Poison Ivy. Сценариото и режијата се на Кет Шеј, која не се исплашила од багажот што со себе го носела Баримор - проблематични ангажмани и јавни бламажи со дрога и алкохол на ситна возраст. Напротив, тоа само ја убедило дека токму Баримор е Ајви, средношколката што се вселува кај нејзината најдобра другарка Силви и некако премногу се опушта. Мејковерот што го добива, заедно со еротските сцени со многу постариот Том Скерит предизвикаа, ако ништо друго - кревање веѓи во индустријата.

А замислете денес!

Дублери за тело се користеле за сцените со посериозна еротика, но режисерката е свесна дека во денешен Холивуд дури ни тоа не би поминало.

„Едноставно не мислам дека филмот ќе можеше да се сними денес, точка. Таа приказна тогаш се направи затоа што беше приказна за тие две девојчиња, не за постариот маж.“

Триесет години подоцна, односот на Силви и Ајви кој постои на раскрсница меѓу љубов и опсесија, е она што го движи филмот, и инспирира нови дела како „Сурови намери“ и „Телото на Џенифер“.

Инаку, филмот е базиран на вистинска приказна - од животот на извршната продуцентка, Мелиса Годар, иако не баш до детаљ, туку повеќе во дух. Сѐ се случувало во Холивуд, затоа што таткото на Годар е продуцент, но сакале да го извадат филмот од таа констелација, затоа што им се чинело излитено.

Филмот излегува во интересна ера на еротски трилери: „Фатална привлечност“ е хит неколку години пред тоа, а истата година излегува и „Основен инстинкт“.

9 мај 2022 - 23:26