Да се разбудиме без хорори настанати од маскирање

Благодарение на одредени креативни шминкери што ни покажуваат како, сега знаеме да изведеме цела маска за 1-ви април само од шминка. Но, колку и успешно да се направите страшни вечерта, пострашно ќе биде наредното утро ако не сработите сè како што треба.

Тешката шминка, особено шминка со силикон, диметикон и разни восоци, може да ги затвори порите и да доведе до акни и разни други чудовишта и бабароги.

Среќа, има професионалци што даваат упатства како да изводиме вечерта под маска, а утредента да не се разбудиме бетер од маската. И ова не важи само за маскирање, важи за секој ден.

Пред неколку години, единствената опција за шминка за маскирање беше или професионална театарска (и скапа), или евтина варијанта од продавница од типот на Џамбо. Некои од евтините содржат штетни состојки како тешки метали, формалдехид и петролатум - загадени со полициклични ароматизирани хидројаглероди (не знаеме де, страшно звучи, не треба да се става на лице, до толку е јасно).

Пред да купите било што, проверете ги етикетите да видите дали има комедогени состојки (ацетилатен ланолин, и нешто што се вика: D&C red и octyl stearate, нема логика да го транскрибираме кога вака ќе го најдете). Овие заробуваат комедогени состојки или пот, масла и друго ѓубре што го имаме на кожата и ни ги затвора порите.

Значи да се избегнуваат состојки како восок, петролеј, минерални масла, производи со силикон, диметикон и талк.

И секогаш е добро да се направи апгрејд: шминка со повисок квалитет е подобра за кожата, и среќа има многу пигментирани, квалитетни колекции со шминки, некои од нив и тематски за Халовин.

Сè додека запаметиме дека кожата треба да се припреми сме во ред - пред да си смените опис, исчистете го лицето, па ставете лесен прајмер (не на база на силикон).

Ако претерувате, со светки или протези, се препорачува да си набавите професионален заштитен крем и нема да го најдете во обичен дуќан, ова се нарачува. Ама, ако одите до таму да правите протези за маска, бидете доследни и набавете си го.

И на крај, вистинската магија за спас на кожата се случува откако ќе ја измиете маската. И кога веќе сте влегле во тешка категорија, се препорачува двојно чистење. Ако шминката е на база на масло, поминете со таков чистач.

После тоа, натопете памуче во мицеларна вода и извадете сè што останало од шминката. Ако баш сте претерале, паметно е и да се направи блага ексфолијација.

Ете така.

Слободно шлапајте се - ако внимавате, утрото не може да биде пострашно од вечерта пред него.

Инспирација:

Извртување на реалноста со шминка
Халовин ентузијасти, соберете се
Како се правеше маската на Хајди Клум
Ако сте по Халовин

31 октомври 2019 - 14:13