Да се престане со измислени трогателни приказни

Од ништо да не останеме покусо.

Од прилика вака идат тие приказни:

Стојам на каса, пред мене еден дедо, брои ситни пари за да плати, му фалеа 2 денари, му дадов 5 денари, ми рече 'фала синко, јас сам сум на светов, децата по странство, жена ми ја изеде диносаурус, кучето ми ја изеде ногата, пензија имам минус 14 денари, ама ако, да се сакаме и да се почитуваме треба.'”

Едно време проаѓаа. Оние што први се качија на возот за вакви измишљотини, секако тргнат од странство, се изнасобраа лајкови и уплакани емоџиња. После малце претераа, па малце некако на сите почнаа да им се случуваат вакви едночинки на каса, па во автобус, па на пешачки, па тоа се испојавија еден куп баби, дедовци, самохрани мајки, просјачиња, сите со по некој трогателен бекграунд, уредно раскажан баш пред твитерџија што може да го сподели со светот, како еден вид мисионер и гласноговорник на несреќните-а-сепак-оптимистични сограѓани.

Пред некое време, извесна Џулија Прајс објави селфи, под кое напиша дека, додека џогирала, некој постар човек (очигледно облечен за на работа) ѝ довикувал „Еј, секси!”, па кога упорно го игнорирала, ја запцул.

До тука нема ништо невидено и за неверување, затоа што (за жал) ова е секојдневие на многу жени, меѓутоа Прајс решава дека на приказната ќе додаде и мајка со дете, кое што успева да го избрука човекот со тоа што му вика:

„Еј. Не е убаво така да ѝ викаш и не ѝ се допадна што ѝ се развика. Не треба така да правиш, затоа што таа е добра девојка, а јас не дозволувам никому да им кажува такви работи на луѓето. Таа е девојче како сестра ми и ќе ја заштитам.”

Продолжува со благодарности кон родителите и муабет од типот „подобар свет со вакви деца и родители”.

Мижи Асан да ти баам.

Иако е точно дека по секоја цена треба да се трудиме да воспитуваме деца што нема да трпат насилство ни психичко, ни физичко, нема теоретски шанси ова да се случило вака како што тврди Џулија Прајс (која патем се обидува да стекне публика заради некаква кариера во забавниот бизнис). Особено кога ќе прогуглаш малку и ќе дознаеш дека има навика вака да манипулира со социјални прашања, сексизам, бездомници, ментални болести и слично. Затоа што, како и оние погоре со осамените баби и дедовци на каса - по секоја цена бара внимание.

Ваквото однесување се категоризира како однесување на „професионална жртва”. Професионални жртви се луѓе на кои им недостасува свест, манипулираат со факти без жалење и чувство на вина или одговорност. Често менуваат имиња или имиња на нивниот бренд за да се дистанцираат од претходни неетеички или нелегални активности за да избегнат одговорност.

Нека ви текне на ова следниот пат кога ќе ви се појави желба за раскажување приказна за „Дедото од каса” или „Бабата од автобус”.

Социопатски е.

18 февруари 2019 - 01:25