Чудните викторијански дагеротипи со доилки

Сме виделе дагеротипи, ако не на друго место, барем по интернет. Фотографии од строги, сериозни, изнаоблечени викторијански фамилии, секој од нив со ентузијазам за другиот колку за една просечна бандера. Затоа и се издвојува оваа мала колекција на викторијански портрети на доење.

Како може на овие жени за кои покажување глужд било скандал, одеднаш да не им е проблем да ги покажат градите и тоа цела минута, колку што било потребно да се направи фотографија? Како воопшто изгледало мајчинството во викторијанската ера?

Прашања еден куп.

Не треба да се заборави дека жените, особено мајките и сопругите имале едвај или ич право на сопственото тело во тоа време. Истиот момент кога жената станувала сопруга, станувала и имот во сопственост на мажот, а ако се разведеле (тешко), тој автоматски ги добивал децата. Во Обединетото кралство, со Законот за старателство над новороденчиња од 1884, мајките конечно добиле пристап до сопствените деца ако се одлучело дека немаат „никаква дамка на карактерот“. Исто во 1884, со Законот за имот на мажени жени, се одлучило дека жената е „независна и одвоена личност“. Забавничко време, нема што.

И, за кого биле овие фотки со доење? Моралниот праг во оваа ера бил многу повисок за викторијанските мајки, кои морале да отелотворуваат чедност, трпение и дарежлива природа. Чинот на доење бил емблематски за мајчинската љубов и од таа причина, овие дагеротипи станале интимни спомени. Не ги ставале во дневна за пред народ, но грижливо ги чувале како сведоштво за балансирано мајчинство и семејство во ера кога вештачкото млеко станувало сѐ попопуларно, но и сѐ поконтроверзно.

Самата кралица Викторија го претпочитала шишето и за доењето напишала:

„Во такви моменти ми личи дека сме како крави и кучиња.“

Сепак, некои лекари предупредувале дека не треба да се користи вештачко млеко, објаснувајќи дека не обезбедува доволно витамин Д, па дури и почнале да ги викаат „Шишиња-убијци“, поради количината на бактерии што се собирале на гумата и цевките тешки за чистење. Со тек на време, условите се подобриле, но дури и тогаш, католицизмот претпочитал доење, аргументирајќи дека „И Господ така сака.“ Проблемите со првите запчиња и раскрварените гради се решавале со специјален штит за брадавици, најчесто направен од ужасно токсично олово и гума.

Од средна до висока класа, сите имале доилки, кои заедно со дадилките поминувале најмногу време со бебињата. Викторијанската мајка со висок социјален статус се советувала да го види бебето еднаш на ден.

Со развојот на подобра формула за вештачко млеко, доењето полека го стигматизирале, особено во јавност и дури во 1999, жените во САД добија дозвола да дојат во јавност.

Еве ви едно бебе со тогашниот тип на шише за вештачко млеко, па видете вие колку тоа можеле они да го исчистат убаво:

27 мај 2021 - 09:31