
Грант Амато, медицински техничар од Флорида, со месеци трошел огромни суми пари на разговори и интеракции со бугарската веб-кам моделка Силвија Венциславова. Според истрагата и судските документи, за околу шест месеци потрошил повеќе од 200.000 долари на платформата, убеден дека меѓу нив постои посебна емотивна врска. Притоа, никогаш се немале сретнато лично, ниту Венциславова имала романтична врска со него надвор од професионалната комуникација преку платформата.
Трошоците си растеле, па Амато почнал да и плаќа на Силвија и со пари што не биле негови. Почнал да прибира кредитни картички од родителите и брат му, нашол и некое оружје од брат му - и тоа го продал. Кога почнале да дознаваат дека ги краде, почнале и да го караат, му „забраниле“ да ја користи платформата, побарале да се заангажира да заработи повеќе и постепено да им ги врати парите.
Некако не им успеала замислата. Во јануари 2019 година Чед и Маргарет Амато, и братот Коди биле пронајдени мртви во нивниот дом во Флорида, сите тројца застрелани во главата. Истражителите заклучиле дека сторителот се обидел да го инсценира местото на злосторството така што ќе изгледа како Коди да ги убил своите родители, а потоа извршил самоубиство.
Нормално, истрагата брзо се насочила на Грант Амато. Форензичките докази, снимките од безбедносните камери и дупките во неговите искази довеле до апсење. За време на испрашувањето, истражителите забележале дека не покажувал речиси никаква емоционална реакција додека зборувал за смртта на своето семејство, што дополнително го привлекло вниманието на јавноста.
Приказната обвинителството ја изградило околу опсесијата со Силвија Венциславова, ама Амато никогаш тоа не го потврдил. Го прогласиле за виновен за три убиства од прв степен и бил осуден на доживотен затвор без можност за условна.
Случајот Грант Амато често се наведува како еден од најекстремните примери за тоа како опсесивното однесување на интернет може да доведе до трагичен исход. И служи како потсетник дека личноста на која и плаќате за (какви било) услуги онлајн - е на работа. Колку и да ти изгледа „блиска“.