Четири предупредувачки знаци дека пријателството станало токсично

Кога зборуваме за токсични односи, често првата асоцијација се љубовните врски, но психолозите предупредуваат дека и пријателствата можат да станат подеднакво штетни, а понекогаш и потешки за прекинување.

Причината е што токсичните пријателства обично се градат со години. Заедничките спомени, чувството на лојалност и долгогодишната блискост можат да создадат впечаток дека заминувањето е предавство, дури и кога односот одамна престанал да биде здрав.

Истражување објавено во 2025 година, во кое биле интервјуирани студенти кои биле или неодамна излегле од токсични пријателства, покажало дека повеќето луѓе не ја препознаваат штетната динамика сè додека длабоко не загазат во неа.

Анализата открива неколку заеднички обрасци што постојано се повторуваат.

Остануваш затоа што се плашиш од осаменост
Една од најчестите причини поради кои луѓето остануваат во токсични пријателства не е љубовта или приврзаноста, туку стравот дека ќе останат сами.

Учесниците во истражувањето опишале дека останувале како дел од групи кои ги игнорирале, ги исмејувале или правеле да се чувствуваат помалку вредни, затоа што им изгледало полесно да бидат дел од таква средина отколку целосно да останат без друштво.

Кај некои, чувството дека барем припаѓаат некаде било доволно силно за да ги натера да ги игнорираат сопствените емоции.

Постојано се чувствуваш исцрпено
Токсичните пријателства ретко завршуваат со една голема расправија - почесто се случува штетата да се создава постепено.

Пасивната агресија, честото исклучување од активности, потценувачките коментари или суптилниот притисок со текот на времето можат сериозно да ја нарушат самодовербата, а бидејќи ретко има јасен конфликт, се создава постојано чувство на емоционална исцрпеност. Луѓето често се прашуваат дали е во нив проблемот, иако забележувале дека нешто не е во ред.

Блискоста се злоупотребува
Довербата е основа на секое блиско пријателство, и од неа и почнува токсичниот однос - кога ќе се стане средство за манипулација. Личните разговори, доверените тајни и чувствителните информации што некогаш биле споделени во доверба можат подоцна да бидат искористени за контрола, уцена или понижување.

Истражување објавено во 2024 година во списанието Journal of Interpersonal Violence укажува дека токму блискоста често го прави токсичното пријателство толку тешко за напуштање. Колку е поголема довербата што некогаш постоела, толку е поголема ранливоста кога таа доверба ќе се злоупотреби.

Гледање на работите „од страна“ помага да сфатиш што се случува
За многумина, пресвртот не доаѓа по голем конфликт, туку по навидум безначаен момент. Во истражувањето, еден од учесниците раскажал дека дури кога соученик му рекол дека е навистина добра личност, сфатил колку долго живеел со уверување дека не вреди доволно. Тој едноставен коментар му помогнал да ја преиспита сликата што ја изградиле токсичните пријатели околу него.

Според авторите на студијата, ваквите реакции од луѓе надвор од токсичниот круг често им помагаат на „жртвите“ да ја препознаат реалната состојба и да сфатат дека заслужуваат односи засновани на почит, доверба и взаемна поддршка.

Препознавањето на овие предупредувачки знаци не значи дека секое недоразбирање е доказ за токсично пријателство, но, ако некој однос постојано те остава исцрпен, те тера да се сомневаш во сопствената вредност и те спречува да бидеш тоа што си, можеби вреди да се запрашаш дали станува збор за пријателство што навистина те збогатува или за однос што одамна престанал да биде здрав.

6 јули 2026 - 09:08