Основачките Ејприл Крихтон од Глазгов и Орели Форестие од Париз се сретнале кај Соња Рикиел и нивната љубов за бои и риги во комбинација со ведриот париски сензибилитет биле на иста бранова должина со афинитетите на Соња. Ова, во едно остварување на „јаболкото не паѓа многу далеку од дрвото” или да речеме, „каков мајстор, таков чирак”? Ова последново си го измислив.
„Беше толку инспиративен лик; толку огромен дел од мојот живот,” се сеќава Крихтон во едно интервју. Крихтон била одговорна за претставување на дизајнот на Рикиел пред помлада публика. Форестие ѝ била десна рака. И надополнува како креативно, така и во муабет, велејќи, „Секогаш имаше еден инстинкт за несовршенство кој на облеката ѝ даваше душа.”
Минатата година решија дека е време да се вратат на основни парчиња, но под нови, нивни услови.
„И двете имавме потреба од автентичност и слобода да дизајнираме што сметаме дека е идеална гардероба,” вели Форестие.
Користат локални извори и изработуваат мали количини, што им дозволува да се поврзат со „инстинктивни парчиња кои се направени со љубов,” од страна на, на пример, последните шивачи за фармерки во Франција, или земјоделци што на страна чепкаат плетење по шкотските села.
Минатата есен, Довер Стрит Маркет прв ја прибра пролетната колекција со 37 парчиња на Ла Фетиш, со имиња на жени на кои дизајнерките им се восхитуваат. На пример, имаше црно-бел џемпер Коко, фармерки со висок струк Анџелика и мантил со две лица Сузи. Џемперот Палома си доби и машки следбеници - со црвени риги напред и црн позади.
Оваа сезона, омилените парчиња добиваат нов изглед - сега мантилот за дожд, во соработка со Томас Ханкок станува тегет од едната и добива црни и зелени детали од другата страна. Зиги џемперот инспириран од Боуви е накитен со несовршени ѕвезди, а Крихтон и Форестие го викаат нивниот нов, хаотичен розев џемпер „совршен судир”.
Фино е вака да се ѕирне во светот на помалите дизајнери. Не дека е ново откритие ова, ама колку и да сечеме вени за Шанел, делува како душата на модата поверојатно да се крие во маливе работи, наместо на мултимилионските писти.