Даниел Грин има 33 години, штотуку има докторирано во областа на образованието и сега е вирална, не толку заради докторатот, колку заради твитот што го има споделено со светот:
My freshman roommate and bestie made a gift registry to congratulate me for graduating with my PhD, because “we shouldn’t only reward women for marriage and babies” and distributed it to everyone who RSVPd to my defense.
— danny, phd. (@blackhomeva) June 2, 2023
Y’all… I… 🥹
„Мојата цимерка и најдобра другарка направи список за подароци за да ми честита за докторатот затоа што „не треба да ги наградуваме жените само за брак и бебиња“ и го прати на сите што се пријавија дека ќе дојдат на бранењето.“
Не е тоа обичен список, туку оној концепт за свадби и повојници што кај нас уште не е дојден: Објавуваш дека ќе правиш свадба или дека ќе раѓаш и им кажуваш на гостите дека „си регистриран“ во таа и таа продавница, од каде што бираш сè што би ти било потребно или ти се допаѓа, па гостите не можат да се појават само со тостер, туку мораат (би требало) да изберат од твојот регистар.
Ова веднаш асоцира и на една епизода од „Сексот и градот“ со наслов „Женското право на чевли“, каде што Кери истакнува дека освен кога ќе се омажиш и ќе родиш, нема баш и некој друг момент кога се слават возрасни жени. И стварно.
Твитот е прегледан над 4 милиони пати и освен што луѓето ѝ честитаат за докторатот, прашуваат и каде е регистрирана за да пратат поклони. Не им кажува, затоа што така би морала да си ја каже и адресата, ама е бескрајно благодарна за друштвото што го има и дискусијата што се развива - ова треба да стане традиција.
Затоа што, браковите знаат и да завршат, ама докторатите се засекогаш.