Ако се прашувавте како им успева на познатите мајки

„Нема шанси да работам колку што работам... И да се трудам да бидам мајка каква што сакам да бидам без ова.“

Славните мајки како да имаат повеќе часови во денот од обичните луѓе. На слики изгледаат како совршени родители со успешни кариери и средени куќи, а плус наоѓаат и време за друштво и време за нега.

Од друга страна имаш обичен, не-селебрити свет што едвај успева да се снајде со истите 24 часа, ама веќе не е ни некоја тајна - зафатените мајки имаат одлична помош.

Периодов неколку познати мајки малку ги поттргнаа завесите да ѕирне народ зад кулиси - Криси Тиген, Бизи Филипс и Кејли Куоко им се заблагодарија на дадилките и другите што им помагаат заради можноста што им ја даваат да бидат родители какви што треба да бидат.

„Благодарна за сите луѓе што прават да бидам најдобрата мајка што можам да бидам,“ напиша Тиген на Инстаграм на Денот на мајката. „Бескрајно сум благодарна за твоето присуство во овој дом и во нашите животи. Те сакаме.“

Истиот ден, Филипс напиша:

„Немаше да стигнам олку далеку како мајка и човек без неверојатните жени што ми помогнаа пред моите деца да бидам најдобра верзија од себеси. Нивната љубов и грижа за моите деца ми дозволува да работам, да патувам со сознанието дека двете мои најважни човечки суштества се згрижени.“

Даниел Вајсберг, ко-основачка и ЦЕО на компанија за дигитални медиуми, сподели слична порака, пишувајќи дека без фантастичните луѓе што ги има вработено да ѝ ги чуваат децата, „не би имала шанса да работам колку што работам - часовите, патувањето, менталниот простор, стресот, итн. - и сè уште да бидам мајката што сакам/се трудам да бидам.“ Нејзиното семејство е збогатено со дадилка што ја обожаваат, роднини што живеат во близина и бебиситер со половина работно време за викенди. Во постот, Вајсберг ги нарекува „столбот на мојата способност да работам и сè уште да се чувствувам како човек.“

Зошто е важно да се биде транспарентен за помошта околу децата?

Во многу од коментарите под овие постови, се јавија жени бескрајно благодарни што вработените што се грижат за децата добиваат свој момент со оглед на круцијалната улога што ја играат. Освен тоа, во денешното време на споредби со сè што гледаме на интернет, лесно е човек да се разочара, па и да се избезуми кога ќе види совршен живот, со навидум слични услови на својот.

Сепак, дел од проблемот е што секогаш од жените се очекува да се грижат за сето ова, па и за транспарентноста. Од мајките очекуваме да споделат дека им помага некој, што е двоен стандард, со оглед на тоа што мажите исто така имаат придобивки од помошта околу децата. Така што, одлично е што жените препознаваат колку е помошта важна, но истовремено е проблем што баш од нив чекаме да одговорат кој им ги чува децата додека се на работа и како се снаоѓаат со кариера и со деца. За мажите се подразбира дека ако имаат деца, а се на работа, некој е најден за чување, или се подразбира дека мајката останала дома.

А како општеството, потребна ни е таа транспарентност - колку сме поотворени, толку помалку грижа на совест ќе имаме затоа што ни треба помош и ќе сфатиме дека е невозможно да се очекува жените да останат на работа, без да добијат помош од страна.

22 јуни 2023 - 16:37