Ако не судиш на дебели, не значи дека можеш на слаби

Знаеме дека ругање дебели е неприфатливо, ама од кај па дека е дозволено ругање на слаби? Демек, лесно им е, па што ми е гајле?

Колку и да си самоуверен, многу е непријатно да те закачат за изглед. Кога некому му судиш за изгледот на неговото тело, инстантно го омаловажуваш, му даваш една димензија и му ја одземаш индивидуалноста. Без разлика дали човекот ти се чини со прекумерна или недоволна тежина, објективизирање никогаш не е океј.

Роуз Нолан од The Bolde е слаба и фрапирана од дрскоста на луѓето да ѝ се обраќаат на таа тема.

„Како очекувате да ви реагира некој кога ќе искоментирате за неговата тежина? Да добивав пари секој пат кога некој ќе ми каже „јади нешто”, ќе се пензионирав на 25, ама прикладен одговор на тоа не сум нашла. Обично ми е толку непријатно, што ќе се зд’ткам и ќе почекам соговорникот да изгуби интерес и да ме остави на раат. Тоа е едно од најнепријатните исксутва што можеш да му ги наметнеш на некого.”

Не е ни пријатно да се расфрлате со она „биди среќна што си слаба” како тоа да ги прави луѓето имуни на критика. Да натераш некој да се чувствува неспособен или неодговорен заради тежината не е комплимент.

Меган Трејнор, една пејачка горда на својата буцкастост, во обид да биде боди-позитив и да ги испофали девојките од нејзината категорија, направи цела песна каде што критикува слаби девојки, притоа заборавајќи дека на некои слаби им е еднакво тешко да се здебелат, колку што на сите дебели им е тешко да ослабнат.

Sирнете го спотот и текстот:

I'm bringing booty back, go ahead and tell them skinny bitches that...

Никој не е виновен за својата генетика

Поточно, брз метаболизам и витко тело често се должат на родители што можат да се „пофалат” со истото. Што значи, (макар и ненамерно) да засрамиш некој за нешто што нема врска со некаква негова желба или цел - е навредливо. Особено кога ќе стане јасно дека ништо не се постигнува (види тука) со тоа што ќе предизвикате некој да се чувствува лошо во врска со изгледот или тежината. Сигурно човекот на кој што му кажавте прееска во супермаркет дека „е преслаб” нема да истрча дома и да почне да јаде калорична храна затоа што некој му се правел паметен. Истото важи и за другиот што го сретнавте скоро и решивте дека вашето мислење дека е „многу здебелен” мора да го чуе.

Нолан вели:

„Зошто би губеле време правејќи луѓето да се чувствуваат глупо, кога можеме да го поминеме истото тоа време истакнувајќи и вреднувајќи работи што ни се допаѓаат? Ако не можете да најдете нешто позитивно за коментирање, пробајте ништо да не кажете - понекогаш тишината е само уште една форма на љубезност.”

Не можете да знаете што се крие зад тежината и изгледот

Тежината е врзана со многу подлабоки фактори - кога коментирате за тежината на некој што е слаб, немате поима зошто е таков. Може се опоравува од нарушување со исхраната. Може нема пари да се храни обилно и здраво. Може е едноставно - слаб. Без разлика на причината, тежината на другите луѓе не треба да ве интересира - ако ве интересира, има документарци со екстремно дебели и слаби луѓе што самите се ставиле на тапет за туѓи мислења и до таму би смееле да си дозволите да одите.

Луѓето што се среќаваат на улица би било најфино да се остават на раат.

1 август 2019 - 00:00