
Наместо да се потпираат на достапноста на контрацепцијата и можноста за прекинување несакана бременост, жените во проблематичните американски држави одлучуваат да не ја препуштат својата репродуктивна иднина на политичките промени.
По одлуката на Врховниот суд на САД од 2022 година, со која беше укината федералната уставна заштита на правото на абортус, се забележуваат значителни промени во репродуктивните одлуки на Американките - особено впечатлив е порастот на стерилизацијата кај жените во раните дваесетти години. Според истражување на Универзитетот во Чикаго, објавено во 2025 година, непосредно по судската одлука бројот на женски стерилизации во сојузните држави со рестриктивни политики за абортус пораснал за околу 22 проценти во однос на другите држави. Иако кај повеќето возрасни групи овој ефект постепено ослабел, кај жените од 18 до 25 години останал забележлив и во 2023 година. Истражувачите процениле дека стапката на стерилизација во оваа група била дури 84 проценти повисока од просекот пред укинувањето на заштитата.
Ова не значи дека речиси сите млади Американки размислуваат за стерилизација - сè уште е реткост кај жените во дваесеттите години, без разлика на процентот. Но, толку изразен пораст во краток период укажува дека нешто суштинско се менува во начинот на кој жените ја проценуваат сопствената репродуктивна сигурност.
Истражување на организацијата KFF покажало и дека речиси 17 проценти од Американките во репродуктивна возраст го промениле начинот на користење контрацепција по укинувањето на пресудата Роу против Вејд. Ова не се однесува само на стерилизација, туку и на промена или започнување други методи на заштита.
Причините се различни. Некои жени одамна знаеле дека не сакаат деца, но политичките промени ги поттикнале порано да донесат конечна одлука. Други стравуваат од бременост во која евентуалните медицински компликации би можеле да ги доведат во ситуација да немаат навремен пристап до абортус.
Стерилизацијата, меѓутоа, е трајна контрацепција и не е едноставна замена за репродуктивна здравствена заштита. Тоа што има пораст кај тие процедури е само доказ колку сме го завртеле општеството наопачки.
Добро, овој пат не ние, не мораме последни во сè да бидеме.