Принцот Чарлс и Дајана Спенсер нивната журка во 1981-ва ја споделија со 750 милиони души од сите страни на светот. Нормално, не беа сите присутни, поканети беа „само“ 2500, другите пратеа на телевизија. Останатите бројки се движат од прилика вака: 10.000 бисери на фустанот, а се влечеше неверојатни 7 ипол метри. Послужени беа 27 (со букви: дваесет и седум) торти, а наспроти свадбата каде што сте поканети во август и ви се чини дека претерале домаќините со 30 евра мени, кралскава на крајот има сметка од 30 милиони фунти, преведено во денешно време - 140 милиони долари. Триесет години подоцна, свадбата на Принц Вилијам и Кејт Мидлтон чини скромни 36 милиони долари.
Сара Хејвуд е организатор на венчавки што ја мрази титулата „организатор на венчавки“. Ѝ се чини, а и најчесто така се доживува за жал, како некоја блесава жена што трчкара од свадба на свадба и го чека сопствениот хепиенд. А настаните што Сара ги планира се огромни продукции, па смета дека титулата некако му одзема од значењето на тоа што го прави - но сепак е практична. „Ако напишеш продуцент на венчавки на твојата веб-страна ќе добиеш нула работа. Како Организатор на венчавки е полесно да те најдат.“
Работи речиси исклучиво со пребогати луѓе, најчесто бизнис могули, а повремено по некоја кралска или селебрити свадба. И тоа, такви селебрити фаци никогаш не сакале да плаќаат, како што кажува. И често не можат ни да си го дозволат стандардот што Сара го нуди.
(Тоа со плаќањето изгледа важи секаде во свет, но не дека мора спомнување, затоа што Македонија е често лидер во разни работи.)
Најбогатите, вели Сара, ама оние, убер-богатите живеат многу поинаку од богатите.
Во светот има најмалку 2257 милијардери. Нивното колективно богатство изнесува 8 трилиони долари, повеќе од 10 проценти од глобалната економија. Денес има 55% повеќе милијардери од пред пет години, а со оглед на тоа што ултра богатите се многу мистериозни, ништо чудно да има уште неколку илјади скриени милијардери низ планетава.
Што е тешкото тука?
„Кој и да си,“ вели таа, „денот на твојата свадба мора да биде многу попосебен од секој друг ден во твојот живот. Што значи, ако веќе твоите денови се исполнети со најдобрите светски хотели, патување со твојот приватен авион, најдобри автомобили, најдобра храна, висока мода – и дојдеш, и ми речеш, ‘Сакам тој ден да ми биде најубав,’ значи ми даваш тежок предизвик и тоа е тоа што морам јас да го исполнам.“
Вакви организатори најчесто работат со луѓе задолжени за целата естетика околу свадбата, и тоа луѓе кои деноноќно работат за баш тој ден да раскаже една посебна приказна. Таква беше на пример свадбата на актерката Мелиса Риверс, која беше замислена (и изведена) како зимска бајка, и беше толку успешно испланирана, што си доби копии насекаде низ светот. Или Шон Паркер и неговата шумска свадба, каде што гостите беа облечени во костими дизајнирани од костимографката на „Господар на прстените“.
Молам? Вашиот фустан е 1500 евра? Туф.
Во овие се вбројува и третата свадба на Џорџ Сорос, која се споредува со масивна и детална театарска продукција (СО НАШИТЕ ПАРИ ЛИ?!), а богами и неколку од венчавките каде што во брак стапува било кој Трамп (патријарх, или деца).
„Трамп беше супер младоженец,“ вели Престон Бејли, еден од најголемите дизајнери на луксузни свадби. „А кога се мажеше Иванка, беше типичен татко на невестата што сакаше сè да биде совршено.
И не се ова свадби каде што се дискутира за цвеќе на маса, прибор или украсување. Кај нас на пример од скоро се научивме дека осветлувањето игра огромна улога. Не, овде зборуваме за изградба, редизајнирање и градење на цели простори, нешто што трае со денови и недели, нешто што вклучува планирање не само на бенд за оро и диџеј за забавното, туку цели концерти на луѓе што чинат неколку стотици илјади долари.
Сара ги обвинува руските клиенти за овие трендови, затоа што „тоа се луѓе што те најмуваат за што стигнат: 18-ти роденден, 21-ви роденден, годишнини - не само свадби. Ја разводнија уникатноста. Сега имаме свадби каде што нема еден главен настап. Па после проблеми – ако кажеш на некоја од ѕвездите што настапуваат дека нема да бидат центар на внимание – чао.“
И да ги платиш е зезнато. Дали се на турнеја? Дали се расположени за настап? Во кој дел на светот се? Може да ти одреди една сума за да ја отвори свадбата, а неколку месеци подоцна ќе наплати четирикратно, само затоа што треба да го прекине семејниот одмор за да дојде.
Фустан? Околу 55.000 долари. Кавијар? Нема проблем, само што, за Осетра кавијар треба да инсталираш посебна кујна, за да се чува, плус да најмиш цел чувар, затоа што кило Осетра кавијар е 4000 долари.
Четири илјади долари за јајца од риба. А ние тука се занесуваме дека некоја свадба е богата затоа што го има она најскапото мени со морски плодови. Тоа, од 35 евра.
Плус, зошто да ти доаѓаат гости од секој дел на светот и ти да ги ограничиш само на еден настан? Луксузните клиенти имаат по три.
Марси Блум, писателката на „Венчавки за почетници,“ се шегува дека таа и нејзините пријатели, меѓу кои се и Сара и Престон ги „создале ваквите лудаци“, овие секојдневни невести што сакаат луксузни свадби. „Им викаме дека не смеат да имаат салфети без монограм. Дека мораат да имаат покани пред поканите. Дека мора да имаат свадби што траат 16 дена. Ние сме криви.“
„Сум ги набљудувала многу, многу богатите,“ завршува Сара. „Има многу луѓе во нивните животи, често и самите нивни вработени. И често не им се пријатели. А се случува и пребогати луѓе да се опкружени само со пријатели или одлични, забавни луѓе. Не е кај сите исто. Но сепак доаѓа со голема одговорност. Мене ми делува дека се работи за многу осамени животи.“
И затоа можеби е помалку осамено кога можеш да споделиш со некого. Со некој со кој што ќе влезеш во брак, во фустан од 100 000 долари, во италијански замок, пиејќи Кристал, додека го слушаш Елтон Џон како ти пее серенади. И да уживаш со твоите неколку стотици најблиски роднини и пријатели.