99% попуст на Прада - по грешка

Замисли да имаш Прада за 5 долари, а да не е од Битпазар?

А сега замисли како се избезумила група Јапонци, кои се нашле во ниедно време навечер, на сајтот на Прада и откриле дека сѐ е на 99% попуст.

Ова не е добра волја сепак, туку несреќна грешка во програмирање, па природно, полна кошничка со најголемите бестселери не надминувала сума од 20 долари.

Според тие неколку стотици што имале среќа, ненамерната распродажба почнала на полноќ на 10-ти ноември и траела до 11 ноември, до четири попладне, што значи не само што некој ја оплескал работата, туку не можел да ја оправи со часови. Од Прада почнаа да се извинуваат „за непријатноста“, и ако не ви е јасно за каква тоа непријатност се работи кога луѓе си пазареле за џабе, има зошто - најверојатно ќе им ги откажат нарачките.

Ова не е прв пат луксузен бренд вака да се самоуништи макар и на кратко - вработен во Луи Витон го фатија како води огромна шема за лажњаци во Шангај еднаш, со тоа што постојано праќал најнови парчиња кај група на луѓе за да можат со време да почнат да ги копираат, и тоа заедно со едни специјални комуникациски тагови кои брендовите ги користат за да се види каде е направен производот и да му се потврди автентичноста.

Прада веројатно нема да осиромаши од овој инцидент, но сепак се очекува да намали со онлајн продажбата за да проба да ја спаси репутацијата на „многу ексклузивен бренд.“

20 ноември 2020 - 09:17