5 одлични подароци за секого, во секое време

Просто - не можеш да згрешиш, без разлика дали е за периодов на празници, или за роденден или за што и да ти текне.

Добро и скапо маслиново масло
Нека ви звучи чудно од прва. Ама знаете колку чини озбилно маслиново масло и ако имате над 30, знаете и дека е одличен подарок. Еве нека не биде од првиот супермаркет, ама ако имате прилика да го донесете од некаде, и тоа како важи за полн погодок.

Персонализирана аналогна торба
Сега ќе се објасниме: Терминот го смислила една уредничка во магазинот PureWow, Дејна Хики, а концептот е прекрасен. Аналогна торба е обичен цегер, тоут-торба ако сакате, што ќе ја наполните со фини работи што се далеку од технологија - крстозбори, комплети за нижење монистри, фотоапарати за една употреба и слично - како новогодишно пакетче, ама за возрасни, што може да биде баш скроено за личноста што го добива.

Специјални кафиња и чаеви
Ова е интересно за секого, ама особено за луѓе што уживаат во бирање и пиење кафиња и чаеви. Низ свет веќе ги гледаат како новото „шише вино“ што се носи за поклон, ем за да не мора да се пие алкохол, ем затоа што е поштосно и сигурно ќе се искористи.

Обновување производи за убавина
Откријте што користи, што сака или што сака да проба примачот на подарокот и купете му го - специјализиран шампон, или серум за лице, или крема против брчки, или палета за сенки...

Специјален лампион
Не било каков и од било каде - колку повеќе внимание вложиш во изборот, толку попосебен ќе биде. И не, не е глуп поклон, особено ако човекот украсува со лампиони што му значат за различни поводи и периоди од животот.

И на крај, ако ништо од ова не е добро и не ви текнува - прашајте. Може им треба нешто специфично како несесер за шминки, или книга што одамна се спремаат да си ја купат. И предложете си списоци со желби со друштво, па штиклирајте си ги.

9 декември 2025 - 10:50