Нов спот за „Нерези“ од Баклава

Ова видео е креација на Марјан Јаневски и ова ремек-дело од видео е подарок. И искрено на кој не се надевавме. Кога разбравме дека за нас, дотогаш ново име во фотографијата, направил видео на една од нашите песни, бевме скептични.

Зошто баш таа песна? Како ли ќе ја долови таа елегија, таа опеана природа создадена од темен алт, кларинет и тишина, таа долга нумера што воопшто не се поклопува со стандардите на урбаната брзина која ни е секојдневие. И се изненадивме. Како што ќе каже и самиот Марјан: каменот од блиску доаѓа. Но, овој пат во една прекрасна смисла на самата поговорка.

Се надеваме дека Марјан Јаневски го чека светла иднина со својот талент. И благодарни сме му. Се надеваме дека и на гледачите ќе им се допадне.

Песната ја напиша Елена Христова. Песната е од албумот „За Скопје со љубов“ под издавачката куќа CPL Music, Германија.

Баклава

10 октомври 2023 - 10:27