Спас за Уметничко
Оваа група е глас на незадоволство од начинот на раководењето на незаконски поставениот в.д. Директор кој манифестира некомпетентност при вршењето на должноста и кој нема добри намери.
В.д. директорот, Филип Фидановски, ги прекршува начелата на етиката воопшто и на работната етика специфично. Современите тенденции подразбираат процеси на обликување на општествените односи засновани на хуманистички основи и демократски и либерални принципи. Тој не сака или не знае да соработува со колективот. Со неговиот клиентелистички однос, тој поддршката на своето владеење уште на самиот почеток ја бара само во Министерството за образование, односно кај моќниците кои се на позиција на владеење, наместо да ја бара во колективот. Не умее или не сака да ја негува култивираната комуникација, ниту со колективот, ниту во соработката со родителите, ниту со учениците. Во училиштето се соочуваме со исклучително ниско, недозволиво ниво на комуникација.
Тој не умее да ја добие довербата од другите, да покаже разбирање за чувствата на другите, да обезбеди сојузништво и поддршка, да ја спроведе политиката на Училишниот одбор, а не само на Министерката и да го пренесе мислењето на колективот дури и кога не се согласува со истото.
Самоволието, отсуството на демократијата во начинот на работа на нашиот в.д. директор, Филип Фидановски, ги надминува сите граници на нормалност и професионалност. Тој ,,владее“, а не ,,раководи“.
Нашиот в.д. Директор сè уште нема лиценца за директор и е поставен незаконски, спротивно на член 91 од Законот за средно образование.
Укажуваме дека се соочуваме со индиферентност од страна на институциите на системот. Министерката за образование ги игнорира нашите барања за средба, а во Државниот просветен инспекторат не дозволуваат ниту да ги доставиме нашите критички забелешки, поплаки и барања.
Ние, наставниците, досега покажавме голема толеранција кон петмесечниот непрофесионален начин на неговото владеење. Овој целосно некомпетентен човек ги поседува сите одлики на владетел од минат период.
Наша должност како педагози и како наставници е да го заштитиме нашето единствено училиште кое во текот на своето постоење секогаш успевало да го задржи својот интегритет подалеку од партиските канџи. Нашето Уметничко, било и треба да биде местото каде учениците покрај учењето на вештините и мајсторството на творештвото, се усмеруваат во стекнување на духот и интегритот на Уметникот – независен, слободен и нерасипан. Тоа е гласот на Слободниот човек и ние наставниците треба да бидеме пример на нашите ученици на покажување отпор кон неправдата и незаконието, пример на активизам како граѓанска и професионална должност и да се спротиставиме на злоупотребата на моќта.
Бидејќи ако гласот на Слободниот човек го замолчат, со тоа ќе го убијат Уметникот и така ќе умре Цивилизацијата.