Шанса за Капиштец

Улицата Козара е последниот огромен пример на непланско и масовно градење без да се запазат основните критериуми кои треба да овозможат пристоен живот. Луѓето кои ги населуваат новите објекти и кои ќе се вдомуваат во новите згради немаат основен јавен простор, зеленило, ниту простор за движење, рекреација и за паркирање на автомобилите. Со тоа, нивниот единствен избор за некаква содржина надвор од домовите сѐ повеќе ќе биде паркот во Капиштец.

Жителите пак на блоковите околу овој парк сметаат дека голем проблем е бучавата која доаѓа од рестораните и кафулињата по должина на улицата Народен фронт и хроничниот недостаток на паркинг места за станарите.

Шанса за Центар преку Советот на општина Центар ќе иницира поставување на сензорска мрежа која, како и онаа за загадување на воздухот, ќе го мери нивото на бучава на сите критични локации во општината со што ќе се овозможи постојана контрола на загадувањето од бучава кое има сериозни последици по здравјето на граѓаните. Со овие податоци  ќе може постојано да се санкционираат сите кои не ги почитуваат ограничувањата. Дополнително, предвидуваме сите поголеми извори на бучава да бидат оградени со бариери и вегетација со што ќе се ограничи ширењето на буката.

Во однос на паркирањето сметаме дека општинското претпријатие ПОЦ треба да воведе поостри критериуми при доделувањето на паркинг картички со оглед на тоа што сега бројот на издадени картички двојно го надминува бројот на паркинг места во општината. Затоа, во Советот ќе иницираме контрола на сите постоечки катни гаражи во општината за да се утврди дали нивната изведба е соодветна на градежната дозвола, односно, дали гаражите го имаат паркинг просторот за кој биле планирани со оглед на тоа што во повеќето, иако се работи за гаражи, има значаен деловен простор.

Луѓето од Капиштец сметаат дека голем проблем е што локалите постојано го истураат својот отпад (кој вклучува и остатоци од храна), во комуналните контејнери за смет па тие се секогаш преполнети и од нив се шири лоша миризба. Шанса за Центар смета дека мора остро да се разграничи отпадот од домаќинствата со оној од угостителските објекти и маркетите. Комуналните служби за локалите и маркетите мора да обезбедат посебни садови за нивниот смет и целосна селекција на отпадот на органски и на оној кој може да се рециклира и повторно употреби како материјал, соопштуваат од Шанса за Центар, по средбата со луѓе од населбата.

Види и:

Капиштец во време на пандемија

Човекот кој успеа да најде мирно место во Капиштец

Приказни од Дивиот Капиштец

Нејќе пајак во поштен Капиштец

Отпор, Капиштец, отпор!

 

3 октомври 2021 - 12:17