Во Капиштец живеам едно дваесет и кусур години. Сосема доволно за да не навикнам на него. Кога се доселувавме, тоа беше една глупа населба за живеење. Но, во меѓувреме доста еволуираше. Денес Капиштец е ретко глупа населба за живеење. Премногу луѓе, премногу возила а толку малку мерак и лезет во приказната. Освен тоа, кај сме несреќни што сме се насадиле во овој дел на градот туку сме и кабаетлии, бидејќи за остатокот на Скопје, Капиштец е главниот виновник што градот не добива доволно свеж воздух. Веројатно ви е познат тој мит: тазе озониран планински воздух катадневно се лизга по падините на Водно и весело им ита во пресрет на белите дробови на Скопјани ама кутриот не стигнува до нив оти наидува на непремостива пречка Капиштец.
Значи, да повториме со свои зборови: воздухот жестоко се учукува во фасадите свртени кон Водно и тука некаде дебело заглавува. Ако математиката е точна, тогаш излегува дека покрај тие фасади струи најубавиот и најчистиот воздух во Скопје, пошто јеби га, нема кај да оди. Баш пред некој ден решив да ја проверам таквата теорија и тркнав до тие згради, да се надишам ко човек. Јок, мирисаше нормално, на штотуку пројдена 57-ца. Да резимираме: на воздухот кој Капиштец му го ускратува на Скопје мистериозно му се губи секаков траг откако тој ќе ги пољуби фасадите на Капиштец. Чудно, многу чудно.
Енивеј, тие што ја мозгале оваа населба, многу ефикасно успеале од неа да направат совршено асоцијална градска средина во која живеат намќори кои меѓусебе не се познаваат. А за тоа не требало многу, доволно било 'паметно' да се постават влезовите во зградите.
Елем, да беа тие свртени навнатре, кон малите паркчиња меѓу зградите, Капиштец веројатно досега ќе успееше да создаде своја препознатлива мапа на меѓучовечки односи. Бидејќи некогаш, дури и простото интензивирање на физичките контакти може да резултира со спонтано создавање на комуникациски траси меѓу луѓето. Во тој случај, таквите зелени површини многу брзо ќе почнеа да пулсираат со живот, ќе добиеа своја физиономија исцртана од секојдневните средби на луѓето кои живеат тука. Природно ќе се искристализираа физички пунктови на интеракција, без разлика дали таа интеракција ќе се покажеше доминантно генерациска, статусна или некаква поинаква. Клупите ќе добиеа свои стандардни посетители и муабети, патеките ќе имаа свои регуларни шетачи а природно ќе никнеа и точки кои служат како 'средсело', како мини плоштади на чии трибини ферментира локалното јавно мислење. Едноставно, Капиштец ќе добиеше содржина.
Ама не! Умните глави своевремено решиле да ги свртат влезовите кон улица што е сосема доволно за да се убие секоја физичка и психолошка можност за комуникација меѓу луѓето. Тоа го одредува и секојдневниот мизансцен на човекот од Капиштец. Тој, кога ќе го напушти својот дом, веднаш излегува на улица. На улица на која жестоко пичат коли! Во таква ситуација на човек не му е многу до муабет, до 'здраво живо комшија, бембаш ли нешто и зошто не' и слични неодoливо бесцелни мааалски ритуали. Во тие моменти, беспомошниот жител на Капиштец гледа да спаси глава. Без многу двоумење тргнува кон својата кола, влегува во неа и фаќа магла од агресивно расположената населба. Истото важи и кога се враќа дома: паркира и гледа што побрзо да и избега на улицата, да се пикне во влез, да стигне дома и добро да се заклучи.
Ваквата траекторија полека но сигурно го одредува и психолошкиот профил на жителите на населбата, особено на најмладите. Замислете дете кое расте во Капиштец. Козјнае колкупати му е повторено од неговите родители да внимава кога ќе излезе надвор, да не трча на улица, да не го згази кола, да не му се случи нешто... Таквото дете расте со сознанието дека светот - оној кој започнува на прагот на неговата зграда - всушност е непријателски свет, дека тој за него не е ништо друга туку една голема опасност и дека секое напуштање на домот треба да биде проследено со силна претпазливост и концентрација.
Доста за тоа. Пред некое време, пред мојата зграда почнаа да никнуваат тнр угостителски објекти. Како член на стара кафанска фамилија, ептен им се израдував. И навистина локалите испаднаа убави и дотерани. Јас додуша, не одам во нив бидејќи ми е глупаво да седам во кафана а да си ги гледам гаќите како ми се сушат од спротива. Е да, добивме кафани ама ги изгубивме контејнерите! Ете, тоа е епилогот на модернизирањето на населбата. Едноставно, на газдата на една од кафаните веројатно не му личело да има контејнери пред својот објект па решил да ги тргне. Го заболе него за се друго. Па да, не пукнал тој толку пари во кафаната за да дозволи некои идиоти, замисли да фрлаат ѓубре! Како ние тоа да го правиме од луксуз! Добро, ќе речете, не можел тој туку така да го направи тоа на своја рака. Да, ама затоа постојат други, посуптилни методи. Да речеме, ти доаѓа Пенов летно време во бавчата. И ти нормално, го седнуваш на масата која е најблиску до контејнерите. Еднаш, двапати, трипати, се додека носот на градоначалникот не се побуни. Што мириса вака непријатно? Контејнерите, господине градоначник, тука се наместени, веднаш зад оградата, се извинуваме ама што да правиме... Тука Пенов се уловува на финтата, решава да биде галантен и легално да ги дислоцира контејнерите!
Ете, така некако изгледа нашиот урбан хепиенд. За да можат гостите на кафеаната непречено да уживаат, ние, немоќните домородци, треба да се прилагодиме на новите маалски газди и да акаме со кесите ѓубре наоколу, барајќи некои нови контејнери. Е, неќе моќи. Признавам, мртов ладен, секое сабајле ги оставам кесите онаму каде што историски сум ги оставал. Пред кафаната, онаму каде што до неодамна стоеа контејнерите. Само чекам некој да ми се побуни па да му врзам кавга. На тоа место гледам и некои други ќеси. Не сум сам, значи. Купчето сакам да го толкувам како доказ дека не сме дотепани. Колку и да се трудеа со архитектонски трикови да ја убијат душата на населбата, таа се уште покажува знаци дека е подготвена да пружи отпор. Неорганизиран, дифузен, спонтан... ама упорен. Па да видиме кој повеќе ќе издржи! Ете, тоа ми беше муабетот.