Гостилница Ники - кујна која ни ги разгалува непцата

Во срцето на Дебар маало, но со господска оддалеченост од општата тарапана која во последно време царува во тој реон, функционира гостилница која со години и децении успева во нешто што некои други не успеваат ни недели и месеци - да го задржат квалитетот поради кој си решил повторно да им отидеш.

Такви се Ники - фикс и цврста точка во непостојаната и променлива понуда на скопското угостителство.

Спомнувањето на пастрмалијата на Ники, долгогодишната ѕвезда на нивната зимска храна, кај познавачите на скопската гастро сцена предизвикува инстантно одобрување и уште поинстантен предлог да се оди во Ники, веднаш и сега. Бидејќи жлездите веќе лачат.... 

А не е само пастрмалијата. Нивната кујна содржи супериорна палета на јадења, предјадења, мезиња и благца, со врвни намирници, грижливо и умешно подготвени, понудени од искусен персонал кој си ја знае работата (поздрав до плејмејкерот). Важен бонус е тоа што голем дел од она што се јаде таму е од нивно сопствено производство. Оваа зима, фаворити ни се сармите и подварокот. И речалот и раванијата. Врв.

Работат и кетеринг, топла препорака и за тоа.

Среќни празници Ники, и уште долго да нè тинтрате.

Екипата на Трендоленд и Оффнет

 

29 декември 2024 - 10:39