Александар, Антонио, Јована, Василија

Сосетката Маја во недела ми пиша од с. Нивичани, кочанско. Вели, Сандра, дај како да се организираме, да најдеме некако начин и средства да помогнеме на едно семејство. Четири деца дома, ги снимале од тоа „Срце на дланка”, но некој фидбек – нема.

Ѝ побарав да ми испрати фотки. Да ми напише нешто за семејството и на отварање на сликите испратени на месинџер, има што да видам. Односно, на сликите нема ништо освен греди, керпич, мрачни детски ликови и 21 век во кој човекот веќе кај и да е, ќе се пресели на Марс.

Шест пати ги прелистав сите слики. Oвие дечиња, мора да се сложите, живеат во 17 век, додека некои нивни бираат дали ќе јадат во Кинг Бургер или ќе мљацкаат „органска” храна пошто оваа традиционалната не им се свиѓа како мириса.

И, поентата не ми се само да се организираме со храна и со алишта. Сакам да го замолам читачот на овој текст да ја сподели сторијата со актуелната власт за да се изнајде решение, ова семејство да добие социјален стан.

Сакам и да замолам да не пишувате коментари од типот „ај бе, кај сиромашни, што ќе им се толку деца”?...

Децата не се само привилегија на богаташите. Децата не се раѓаат само кај што има. Се раѓаат и онаму кај што нема, бидејќи мајката можеби не може да си приушти да оди на абортус, а можеби и тоа некое што се родило последно, се зачнало додека родителите се бореле да најдат решение за попристоен живот. Свашта се дешава кога се спие у пар, така да, немојте да судите, туку, дај да се организираме, доаѓа зима, тешко на оној кој нема.

Александар, Антонио, Јована и Василија се наши деца.

Александар има осум, братчето пет, Јована шест, а најмалото Василија само шест месеци.

По сликите одма може да сфатите што све им треба. Ве молам ако имате контакт со општина Кочани да ја споделите сторијата да си најдат чаре да им се даде социјален стан. Ве молам да ја споделите сторијата и со ЦСР Кочани. Ве молам да се сподели на секој можен начин и лице за кое верувате дека може да биде од помош.

За координација со помошта, го оставам мојот мејл

Tomovska.sandra@gmail.com

Да бидеме солидарни. Можеме, само ако сакаме.

Сандра

P.S. Помогнавме на семејството на Ива која почина од тешка сиромаштија во 2013. Да помогнеме и сега.

24 септември 2023 - 18:56