- Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска потпиша указ за воведување санкции против рускиот филмски режисер и оскаровец Никита Михалков и 118 други истакнати руски уметници, како и неколку украински државјани.
- Санкциите вклучуваат блокирање на банкарски сметки, суспензија на економски и финансиски обврски, суспензија на културна размена и соработка, забрана за влез во Украина, конфискација на украинските државни награди и друго.
- Овие ограничувања ќе важат 10 години.
- Трамп блокира клучни американски санкции и царини поврзани со Русија, само неколку дена пред тие да стапат на сила согласно „Законот на Линдзи Греем“, усвоен од Конгресот и потпишан од претседателот минатиот месец.
- Мерките вклучуваат царини за увоз на руски стоки и казнени царини од 100% за земји што купуваат нафта и гас од Русија.
- Трамп истакна дека ги одложува санкциите „заради националниот интерес на САД“. Проценките се дека новите мерки дополнително ќе ги зголемат цените на горивата, токму пред изборите за американскиот Конгрес во ноември.
- Во новата наредба се истакнува дека законот не се укинува целосно и дека санкциите ќе може да бидат воведени „кога Трамп или високи функционери ќе проценат дека се соодветни“.
- Кирил Дмитриев, претставникот на Путин за инвестиции, ја нарече одлуката на Трамп „историски момент“, бидејќи законот ќе запрел секаква економска соработка меѓу Русија и САД.
- Претседателот Володимир Зеленски ја предупреди Европа дека ќе мора да се соочи со масовен егзодус на милиони украински бегалци ако Русија победи во војната.
- „Ако тој победи, колку Украинци ќе дојдат во Европа? 20 милиони?“, праша Зеленски, без да објаснува како ја пресметал таа бројка.
- Според податоци на Eurostat, до крајот на август европските земји им дале привремена заштита на 4,43 милиони Украинци кои ја напуштиле земјата поради војната. Статусот им овозможува на Украинците престој и пристап до пазарот на трудот во ЕУ без редовна постапка за добивање азил.
- Зеленски во Брисел побарал и дополнителна финансиска и воена поддршка од најмалку 70 милијарди за одбрана, оружје и за зајакнување на отпорноста на Украина во 2027 година.