- Новиот директор на Клиниката за токсикологија, професор доктор Андон Чибишев, им соопштил на 18-те ангажирани со договор на дело од болницата кои со месеци незаконски одеа на работа повеќе да не доаѓаат, со исклучок на биологот, потребен за опстојување на токсиколошката лабораторија.
- Бесија Иљази, разрешената економска директорка на Клиниката за токсикологија која на работа доаѓаше со преведувач, инсистираше овие 18 лица да доаѓаат на работа со истечени договори и потпишувала да добиваат плата, за што заработи кривична пријава бидејќи од буџетот на Клиниката се одлеале 650 илјади денари.
- Меѓу нив е и болничарот што на камера призна дека барал урина со наркотици да се промени со чиста урина и да се фалсификува токсиколошки резултат, но бил одбиен за услугата.
- „Цела цивилизација ќе умре вечерва, за никогаш повеќе да не се врати. Не сакам тоа да се случи, но веројатно ќе се случи“, порача Доналд Трамп во безумна закана за уништување на Иран.
- Тој цврсто стои до ултиматумот што му постави на Техеран до вечер во 20 часот според американско време да го деблокира Ормускиот Теснец. Ако не, ќе нареди „пеколни“ напади кои „ќе го вратат Иран во Камено доба“.
- Трамп отворено се закани дека ќе ги уништи мостовите, енергетските постројки и централите за десалинизација, што би оставило десетици милиони Иранци без струја и вода. Тоа, според сите критериуми е воено злосторство насочено против цивили.
- Трамп остави мал простор да ги откаже нападите во последен час, како и во претходниот ултиматум до Техеран пред две недели: „Сепак, сега кога имаме целосна и тотална промена на режимот, каде што преовладуваат различни, попаметни и помалку радикализирани умови, можеби може да се случи нешто револуционерно прекрасно, Кој знае?“.
- И самиот дава одговор: „Ќе дознаеме вечерва, еден од најважните моменти во долгата и сложена историја на светот. 47 години изнудување, корупција и смрт конечно ќе завршат. Бог да го благослови великиот народ на Иран!“.