- Македонски Железници ја укина Орешка станица, единствената станица на пругата Богомила – Прилеп која ја користеа планинарите кои се искачуваа кон врвот Солунска Глава, како и жителите од двете планински села Ореше и Папрадиште, тврдат од планинарскиот дом „Папрадиште“.
- Многу малку „планинари и луѓе“ се симнувале, па возот непотребно губел од 30 до 65 секунди залет и време!?
- Со одлуката на МЖ базирана на „сериозна и сеопфатна анализа“, укинати се и други стојалишта од и онака ужасно малиот број линии – вели Игор Смилев од планинарскиот дом во „Папрадиште“.
- Деновиве пренесовме дека за 5 години Железници потрошиле 100 милиони евра без ниеден проект.
- Турската полиција уапси 384 луѓе што со првомајските протести ја прекршиле забраната за масовни собири во Истанбул.
- Во марш кон централниот плоштад Таксим тргнале илјадници луѓе, организирани од синдикатите. Полицијата ги запрела на барикади и ги префрлала приведените луѓе во автобуси.
- Првомајските протести во Истанбул традиционално се масовни и насилни. Лани беа приведени повеќе од 200 луѓе што марширале кон Таксим. На празникот на трудот во 1977 година во судири на плоштадот загинаа 34 луѓе.
- Во Анкара и во другите големи турски градови денеска мирно протестирале илјадници луѓе. Таму масовните собири не се забранети.
- Откако пред шест недели израелските сили ја продолжија војната во Газа, тие им забранија пристап на Палестинците на 70% од територијата на енклавата, објавија Обединетите нации.
- Уште при договорот за примирјето Израел прогласи за безбедносна зона територија од 700 до 1.000 метри од границата. Тоа е околу 17% од вкупната површина на палестинската енклава.
- По прекинувањето на примирјето, безбедносната зона беше проширена, а воведена е и кај Рафах, на границата на Газа со Египет.
- Со секоја нова акција, израелските сили им наредуваат на Палестинците да се евакуираат од територија што ја прогласуваат за борбена зона. Раселени се 420.000 Палестинци, тврди Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни работи.
- Во војната во Газа загинаа повеќе од 52.000 Палестинци, претежно цивили. Судирите почнаа откако терористи на Хамас упаднаа на израелска територија и масакрираа повеќе од 1.200 луѓе.