- Оливер Спасовски нема да поведе постапка за разрешување на својот заменик Назим Буши, тоа било работа на премиерот Димитар Ковачевски.
- Министерот не одговорил дали ќе иницира одговорност за Буши на владина седница, по објавата нa големиот скандал.
- Како што објави Ора њуз, сместувањето на заменик министерот во Истанбул за само една ноќ чинело фантастични 20 илјади евра.
- „Бевме гости на двајца пријатели од Скопје и не знам кој ја платил сметката и колку чинел престојот“, изјави Буши.
- Британскиот премиер Кир Стармер официјално ќе ја признае Палестина за држава на крајот од неделава, откако американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја заврши посетата на Обединетото Кралство.
- Стармер денеска ќе се сретне со Трамп во својата резиденција во Чекерс, северно од Лондон. Не сака да ја оптовари заедничката прес-конференција со признавањето на Палестина, на кое САД категорично се спротивставуваат и го оценуваат како „награда за Хамас“.
- Британија идната недела ќе учествува на состанокот во Генералното собрание на ОН, на кој заедно со Франција, Канада, Австралија и други земји колективно ќе ја признаат Палестина.
- Стармер го најави признавањето уште во јули, но остави простор да се откаже ако во меѓувреме Израел го прекине огнот во Газа, ако се посвети на решението „две држави“ и ако ги прекине плановите за анектирање на окупираниот Западен Брег.
- Доналд Трамп објави дека ќе го прогласи радикалното левичарско движење Антифа за „голема терористичка организација“, иако тоа е легално комплицирано.
- Антифашистичкото движење во САД не е централизирано, туку опфаќа повеќе екстремни левичарски групи што се насочени против фашизмот и неонацизмот и кои организираат демонстрации и протести.
- Статусот на терористичка група овозможува правно гонење на оние што ѝ даваат финансиска и материјална помош.
- Како домашен ентитет, Антифа не може да биде вклучена на списокот терористички организации на Стејт департментот. Нема ниту еден американски еквивалент, бидејќи организациите во САД се заштитени од Првиот амандман на Уставот. Закон за домашен тероризам не е усвоен, наспроти низата иницијативи, особено по масовни пукања.
- Трамп повика Антифа да биде прогласена за терористичка група и во 2020 година, кога беа протестите поради убиството на Џорџ Флојд. Тогашниот директор на ФБИ, Кристофер Реј, пред Конгресот изјави дека Антифа е идеологија, а не организација, бидејќи нема хиерархиска структура.