- Главната расправа во судскиот процес за случајот „Државна лотарија“, во кој се обвинети осум лица, меѓу кои и поранешниот вицепремиер Артан Груби, е одложена на барање на одбраната.
- Дел од адвокатите на обвинетите пред судот посочиле дека не го добиле обвинителниот акт, како и дека доказите на Обвинителството не им биле дадени на увид.
- Судијката Биљана Шуплиновска Јолевски образложила дека поради обемот на доказниот материјал (231 материјален и седум вербални докази), доказите не биле испратени по пошта, туку биле обезбедени во кутии во судот, од каде што бранителите можат да ги подигнат и да извршат увид.
- Артан Груби се враќа во домашен притвор а обвинетиот Прпарим Бајрами, поранешен директор на Државна Лотарија, не се враќа никаде бидејќи е во бегство.
- Сите обвинети, наместо за проневера во службата, се товарат за друго кривично дело - злоупотреба на службената положба и овластување, кое предвидува поблага казна.
- Вработена во МВР која во 2021 година била отпуштена поради злоуотреба при издавање на лични документи, па со судска одлука во 2025 година вратена на работното место, сега е повторно уапсена под сомнение за злоупотреби при издавање возачки дозволи.
- Против неа и уште 26 лица Основното јавно обвинителство Скопје води истрага за повеќе кривични дела поврзани со незаконско внесување категории во возачки дозволи, нивно издавање и употреба.
- Толку за судовите.
- Десетици илјади луѓе се собраа на плоштадите во Приштина на „Маршот за слобода“ за да дадат поддршка на припадниците на ОВК, пред објавувањето на конечната пресуда од страна на Специјализираните совети во Хаг во врска со обвиненијата за воени злосторства и злосторства против човештвото.
- Пресудите за Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими ќе се знаат за четири дена. Обвинителството бара секој од нив да добие казна затвор од 45 години.
- Тие се во притвор во Хаг од ноември 2020 година. Обвинети се за прогон, убиство, мачење, злоставување и исчезнување на луѓе за време на војната во Косово во 1998 и 1999 кога биле убиени повеќе од 100 политички противници и претпоставени соработници на српските безбедносни сили, а стотици биле злоставувани во 50-ина логори управувани од ОВК.