- Европската Унија предложи воведување фиксна такса од 2 евра за малите пратки со производи чија вредност не надминува 150 евра. Со таксата главно ќе бидат погодени кинеските трговски синџири за евтини стоки, како Тему, Шејн и АлиЕкспрес.
- Трговците ќе плаќаат по 2 евра за пакетите испратени директно до купувачите, а половина евро за стоките до своите магацини во Европа.
- Во ЕУ лани биле испратени 4,6 милијарди пакети со евтини производи. Дури 90% пристигнале од Кина. Тему има 92 милиони корисници во ЕУ, а Шејн 130 милиони.
- Доналд Трамп неодамна воведе фиксна тарифа од 100 долари за малите пакети со вредност до 800 долари што пристигнуваат во САД од Кина.
- Кривичниот суд им одреди по 30 дена притвор на поранешниот директор на Царинска управа Стефан Богоев и на тројцата други осомничени за злоупотреба при јавна набавка за чистење на граничните премини и за поткуп од 1.800 евра.
- Богоев вчера беше изведен пред судија во Основниот кривичен суд во Скопје.
- Обвинителство соопшти дека постои основано сомнение дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година осомничените ја изиграле постапката за доделување договори за јавна набавка за надворешно одржување хигиена на гранични премини и терминали, при што преку фаворизирање одреден економски оператор и ограничување на конкуренцијата му овозможиле на правниот субјект да стекне противправна имотна корист од 18.479.692 денари.
- „Според обезбедените докази, првоосомничениот, користејќи ја својата службена положба и влијание како директор на Царинската управа, влијаел врз спроведувањето на тендерската постапка во корист на избраниот понудувач, а второосомничениот, во својство на помошник-директор, влијаел врз други економски оператори да не учествуваат во завршната фаза од постапката“, објави Обвинителството.
- Претставничкиот дом на САД вчера првпат успеа да изгласа резолуција што го блокира претседателот Трамп да ја продолжи војната против Иран без одобрување од Конгресот.
- Резолуцијата беше усвоена со 215-208 гласа, откако на демократите им се придружија четворица републикански конгресмени.
- За да стане обврзувачка, резолуцијата мора да биде одобрена и од Сенатот.
- Резолуцијата за воени овластувања од 1973 година наведува дека претседателот мора во рок од 60 дена да ги отстрани американските сили од какви било војни без овластување од Конгресот. Претседателот може да го продолжи тој рок за уште 30 дена за да овозможи безбедно повлекување на трупите.
- Војната против Иран почна на 28 февруари, пред 96 дена, но Белата куќа тврди дека на сила е примирје од 8 април.