- Ќе поскапат некои од производите со замрзнати цени оти поскапел увозот.
- Министерот за економија најави дека во вторник следната недела ќе има корекции на некои од цените по утврдувањето дека увозниците пријавиле поскапи цени во Царинската управа.
- Во понеделникот оваа недела Владата донесе одлука со која свежите домати не може да се продаваат за повеќе од 70 денари, свежите краставици не може да се продаваат повеќе од 75 денари, кромидот не повеќе од 60 денари, карфиолот не повеќе од 70 денари, зелените пиперки не повеќе од 90 денари, гравот не повеќе од 75 денари, леќата 110 денари, бананите 75 денари, портокалите55 денари, мандарините 60 денари и лимоните не повеќе од 55 денари.
- Партијата „Раам“ на Арапите во Израел го поддржа Гади Ајзенкот како мандатар за состав на идната влада, по парламентарните избори кои завршија без јасен победник.
- Со осумте пратеници од Раам, блокот зад Ајзенкот веќе има поддршка од 56 пратеници, повеќе од блокот на Бенјамин Нетанјаху (52).
- Тоа може да биде пресудно, бидејќи претседателот Исак Херцог денеска ги почнува консултациите со политичките партии и треба да му го додели мандатот на кандидатот кој има најголема поддршка во Кнесетот.
- За Ајзенкот се очекува да се определи и другата партија на Арапите – „Заедничка листа“, која освои 11 пратенички места.
- Ајзенкот пред изборите отфрлаше коалиција со партиите на Арапите во Израел, но би можел да состави малцинска влада, која би добивала поддршка за клучните одлуки.
- Договорот на Доналд Трамп со Владимир Путин за увоз на руски дизел се чини дека пропаѓа, откако два танкери скршнаа од курсот кон САД.
- Неколку недели пред изборите во САД, Трамп ненадејно ги укина санкциите за увоз на руски дизел за да ја спушти цената на горивото на пумпите.
- Американските резерви на дизел паднаа под 100 милиони барели првпат во последните две децении.
- Танкерот „Талисман“, кој е под санкции од САД, Британија и ЕУ, и „Леруо“, кој е под санкции од Британија, ЕУ и Канада, повеќе не го наведуваат атлантскиот брег на САД како своја дестинација. Првиот се упатил кон Средоземно Море и објавил сигнал дека чека наредба, а другиот скршнал кон Бразил.
- Во меѓувреме, трет танкер под санкции – „Бист“, плови кон САД откако на 27 октомври тргнал од руското пристаниште Приморск.
- Како можна причина за промената на курсот на танкерите, Фајненшл тајмс ја наведува неизвесноста дали ќе им биде дозволено да влезат во американските пристаништа поради легалноста на товарот.